Американските царини од 25 отсто за кинески увоз во вредност од 34 милијарди долари влегоа во сила по истекот на крајниот рок.
Царинските давачки се однесуваат на 818 производи, вклучувајќи автомобили, авионски делови, хард дискови, а „поштедени“ се популарни производи како мобилни телефони и телевизори.
И американскиот претседател Доналд Трамп вчера потврди дека царините денеска ќе стапат во сила.
Централната банка на Кина пред воведувањето на царините го намали курсот на јуанот во однос на доларот. Светските медиуми коментираат дека со воведувањето на царините, САД и Кина ги испукаа првите истрели во трговската војна меѓу себе.
По воведувањето на американските царини, Кина соопшти дека е принудена да даде „неопходен одговор“, не прецизирајќи каков ќе биде тој одговор.
- Кина вети дека нема да пука прва, но за да ги заштити основните интереси на земјата и нејзиниот народ, Кина е принудена да даде неопходен одговор, се вели во соопштение на кинеското Министерство за трговија.
Пекинг претходно вети дека ќе му врати на Вашингтон на ист начин - со исти царини за американските стоки. Се очекува кинеските царини да влијаат врз земјоделските производи, како што е сојата, од која кинескиот пазар многу зависи.
Царините, исто така, може да влијаат и на автомобилскиот сектор или морските производи.