Економски новинари од 16 реномирани турски медиуми се во работна посета на Македонија. Ќе се информираат за економијата и за плановите за развој, а потоа, ќе ја запознаат турската јавност со македонските инвестициски, економски, туристички и други потенцијали.

По овој повод, денеска, Македонско-Турската комора (МАТТО) која е домаќин на посетата, организира средба на турските новинари со турски компании во земјава. На настанот ќе бидат промовирани инвестициите во Македонија, а најавени се обраќања на министрите за економија и за странски инвестиции, Крешник Бектеши и Аднан Ќахил, на амбасадорот Тулин Еркал Кара, како и на членки на МАТТО - генерални менаџери на компаниите инвеститори „Сити плаза холдинг“, „Халкбанк“, ТАВ“, Џевахир“, „Ерак“,...

- Целта е новинарите од Турција да ја анимираат турската деловна заедница за Македонија како економски партнер што ветува. Македонија со својата геостратегиска положба, евроатлантската перспектива и реформите кои значаат приближување кон ЕУ законодавството, има шанса да ги зголеми своите перформанси за турските инвстиции. Македонија за Турција може да биде регионален хаб (локација) или дел од него, во кој реално има интерес да се преселат производни индустрии наменети за ЕУ пазари, но и почва за современо земјоделско и сточарско производство, велат од МАТТО.

Иако поради политичката нестабилност последниве две години турските инвестиции беа стопирани, трговијата сепак, бележи благ раст - во првите шест месеци споредени со истиот период лани за 17,4 отсто и 30,5 проценти во однос на македонскиот извоз. Во 2017 година трговската рзмена беше 455,8 милиони долари што во однос на 2016-та е зголемување за 8,5 отсто.

- Нашите членки, турските инвеститори и македонските компани кои работат со турските партнери ја очекуваат поддршката од двете влади за натамошна либерализација на трговијата и влегување во заеднички проекти од регионалното и ЕУ значење, потенцираат од МАТТО.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/07/2018 15:22