Во Министерството за финансии денеска попладне почнува првиот Фин хакатон на кој над 70 млади лица ќе работат на развивање апликација што ќе ја користи Министерството за финансии за во иднина да го направи Буџетот на РМ подостапен и транспарентен за граѓаните. На отворањето на овој настан, кој од Министерството за финансии сакаат да стане традиција, ќе се обратат министерот за финансии Драган Тевдовски и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски.

Натпреварувачите на Фин Хакатонот, организиран од Министерството во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој, во рок од 48 часа, до недела, ќе треба да ја исполнат оваа задача, а најдобрата апликација ќе биде наградена со 1,5 милиони денари, средства обезбедени преку Фондот за иновации.

- Најдобрите идеи доаѓаат од народот. Во овој случај граѓаните ќе креираат апликација, видео и игра кои ќе ги доближат јавните финансии до граѓаните. Ќе го употребиме нивното видување за буџетот да стане поразбирлив и подостапен за сите, рече министерот за финансии Драган Тевдовски, кој посочи дека имало голем интерес за пријавување на Фин Хакатонот.

Фин Хакатонот викендов е посветен на Буџетот на РМ. Граѓанскиот буџет добива нова форма, многу попристапна и поразбирлива за јавноста. Во апликацијата, видеото и играта ќе се прикажат приходите и расходите на државата, како тие се собираат и трошат, на начин приемчив за граѓаните.

На Фин Хакатонот учествуваат 73 натпреварувачи во групи од три до шест лица - програмери, графички дизајнери, економисти и креатори на софтвер. Тие за време на викендот ќе се преселат во Министерството за финансии и континуирано ќе работат на идејното решение. В недела жирито ќе избере најдобри предлози. Во жирито покрај министерот за финансии Драган Тевдовски, ќе бидат и директорот на Фондот за иновации Јован Депостовски, како и претставници на академската заедница, на невладиниот сектор и експерти.

Ова е првпат која било институција во Македонија да организира ваков настан. Хакатонот е натпревар, предизвик, во кој во ограничен временски период и простор програмери, графички дизајнери, хакери и креатори на софтвер, да работат на развој на софтверски или мултимедијален производ на зададена тема.

Најдобрата апликација што ќе биде избрана ќе ја користи Министерството за финансии, но таа ќе може да биде понудена и на други земји во регионот, бидејќи вакви алатки во околните земји не се користат, иако ги има во светски рамки.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/07/2018 15:34