Онлајн изданијата на грчките медиуми во текстовите посветени на синоќешното интервју на македонскиот премиер за грчката државна телевизија ЕРТ, акцентот го ставаат на пораката дека Македонија нема никаков вид на иредентизам кон Грција, роковите за завршување на обврските од македонска страна, на можните термини за референдумот, на пораките до Мицотакис и Каменос, но и на пријателските пораки до Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

„Заев: Вака стигнавме до Северна Македонија“; „Заев: Покажавме дека немаме никаков територијален или каков било друг иредентизам“; „Заев ги открива можните датуми за референдум во ПЈРМ“; „Заев: Се гарантира правото на национален идентитет и јазик“; „Пораката на Заев до Каменос и Мицотакис за договорот“; „Заев: Единствените аспирации кон Грција се туристички и пријателски“; „Од 2019 важните разврски во македонското прашање“; „Заев за ЕРТ: До 15 јануари 2019 уставната ревизија – ѝ дава време на владата на Ципрас и Каменос“; „Заев: како стигнавме до договорот со Ципрас“; „Зоран Заев: Најболната точка од договорот беше ерга омнес“, се дел од насловите во грчките медиуми.

Порака на пријателство до грчкиот народ испрати премиерот на ПЈРМ, Зоран Заев преку интервјуто за ЕРТ, потенцирајќи дека не подоцна од пролетта во 2019 или кон средината на 2019 ќе се видат придобивките од Договорот од Преспа, пишува грчката новинска агенција на почетокот на текстот за вчерашното интервју на Заев за ЕРТ..

- Ние сме вашиот северен сосед. Јасно ги имаме разграничено темите за идентитетот. Го менуваме нашиот Устав бидејќи веруваме во ова пријателство, изјави Заев и изрази убедување дека договорот ќе донесе просперитет за граѓаните и од двете земји, пишува грчката новинска агенција.

Сајтот на грчката телевизија Скај пишува дека Заев во интервјуто за ЕРТ говорел за еден тежок, но фер договор на пријателство кој во многу точки во фазата на преговорите се чинел дека води кон ќор-сокак.

Текст за интервјуто на Заев за ЕРТ објави и весникот Авги, кој важи за гласник на владејачката СИРИЗА.

- Најтешката точка од договорот беше ерга омнес, изјави Зоран Заев во неговото интервју за ЕРТ, а се осврна и на следните чекори по Договорот во Преспа. Во неговото прво интервју за грчка телевизија за сите теми, премиерот на ПЈРМ ги отвори картите за референдумот и за ревизијата на Уставот, како и за односите меѓу неговата земја со Европската унија и НАТО, пишува Авги.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/07/2018 15:35