Ќесе со кабли, весник, грчко знаме и знаме со сонцето од Вергина, постер од Белата кула во Солун и слоган за Македонија, всушност бил сомнителниот пакет што утрово ја принуди грчката полиција да интервенира, објавија грчките медиуми.

Едно или повеќе непознати лица, на влезот на комплексот судови во центарот на Атина оставиле ќесе, за чија содржина интервенираше секторот за справување со експлозивни механизми на грчката полиција, под сомнеж дека можеби станува збор за пакет бомба, а делот околу судските објекти беше целосно блокиран.

По полициската интервенција, според грчките медиуми, било јасно дека станува збор за пакет кој наликувал на бомба, но содржел материјал поврзан со грчката област Македонија.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, за сега не е познато кој го оставил ќесето и каква порака сакал да испрати.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/07/2018 16:13