Анкара бара осуммината турски војници, кои по неуспешниот обид за пуч во јули 2016 година пребегнаа во Грција и добија азил, да бидат екстрадирани во Турција, за да можат грчките војници, кои од март се наоѓаат во притвор во турскиот град Едрене откако поради лошите временски услови влегле нелегално на турска територија, да добијат фер судење во Турција.
Ова е дел од писмото од шефот на турската делегација во НАТО, Ахмет Берал Чонкар до претседателот на Европскиот Парламент Антонио Тајани, во кое директно ги поврзува двата случаи, едниот со турските војници во Грција, другиот со грчките војници во Турција.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, писмото денеска го објави грчкиот весник „Та неа“.
- Турските власти и турското општество очекуваат осуммината убијци веднаш да бидат екстрадирани и ние ве уверуваме дека двајцата притворени грчки војници ќе имаат фер судење во Турција. Очекуваме Европарламентот на ова прашање да му пристапи непристрасно и без заштита за земјата членка, пишува шефот на турската делегација во НАТО во писмото од 31 мај.
Европратениците кон средината на април, речиси едногласно, со 607 гласа „за“ и седум „против“, ја одобрија резолуцијата со која се бара веднаш да бидат ослободени грчките војници.
На само еден ден по изборите во Турција, како што тогаш објави МИА, грчкиот премиер Алексис Ципрас имаше телефонски разговор со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, за да му ја честита победата, но и да „ја истакне потребата за итно ослободување на двајцата војници кои без обвинение се во затвор во Турција“.
Ципрас и Ердоган тогаш се договориле да се видат на маргините на Самитот на НАТО во Брисел. Но, се уште нема официјална потврда дали ќе се одржи нивната средба.