Светските сили и Иран се договорија да ги продолжат преговорите за спас Договорот за иранската нуклеарна програма по повлекувањето на САД од него, изјави денеска високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини по министерската средба во Виена.

Могерини, која претседаваше со средбата, го прочита заедничкото соопштение во кое се вели дека страните ќе продолжат да бараат начин за зачувување на договорот и покрај обновувањето на американските санкции кон Иран.

Според Могерини, министрите за надворешни работи и високите дипломатски претставници од Велика Британија, Германија, Кина, Русија и Франција оцениче дека укинувањето на санкциите е „суштински дел" од договорот од 2015 година.

Откако во мај САД се повлекоа од нуклеарниот договор, останатите негови потписнички изразија подготвеност да ги задржат отворени своите економски, финансиски и транспортни канали со Иран.

- Учесниците (на состанокот) ќе работат на овие прашања со нивните меѓународни партнери, за да ги поттикнат да ја следат истата политика и да воспостават слични механизми во нивните економски односи со Иран, додаде Могерини, која по прочитувањето на соопштението, одби да одговори на новинарските прашања.

Денешната средба во австрискиот главен град е прва на министерско ниво откако во мај САД се повлекоа од договорот за ограничување на иранската нуклеарна програма склучен во 2015 година, во замена за олеснување на санкциите кон Техеран. Оттогаш Вашингтон презема чекори за продолжување на санкциите против Иран.

Клучните точки во стратегијата на Европската унија за спас на договорот се заеми од Европската инвестициска банка, специјални мерки за заштита на компаниите од ЕУ од санкциите на САД, како и предлогот на Европската комисија владите на ЕУ да направат директни трансфери на пари до иранската централна банка, за да бидат заобиколени санкциите од САД. и



Автор: Администратор
Објавено на: 06/07/2018 16:38