Косовското Специјално обвинителство веќе започнало со разработка на кривичните пријави за воени злосторства од Србија во косовската војна во 1998-99 година, кои пред неколку дена му беа предадени од организации на граѓанското општество, јави дописникот на МИА од Приштина.

Специјалниот обвинител Суљ Хоџа синоќа изјави за КТВ дека е започнато со разгледувањето на доказите за овие 150 обвиненија, само за регионот на Ѓаковица, и очекува тие да ја олеснат работата. Тој додаде дека за 93 воени злосторства веќе има докази.

Претставникот на граѓанскиот сектор, Авни Мустафа, информира дека во текот на вчерашниот ден на Обвинителството му е доставена книга со факти и имиња на над 200 Срби осомничени за воени злосторства, а доказите за нив се собирани цели 17 години.

Беким Бљакај од Фондот за хуманитарно право, за приштинската телевизија изјави дека, сепак, обвинителите се соочуваат со големи проблеми во истражувањето на злосторствата.

Мисјата на ЕУЛЕКС, која до неодамна имаше мандат за третирање на воените злосторства, пред неколку години започна истрага за регионот на Ѓаковица, каде што се смета дека има најмногу такви случаи, но не покрена обвинение против ниту еден осомничен.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/07/2018 18:28