Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер денеска во Виена најави дека извршното тело на ЕУ во септември ќе претстави предлог за заштита на надворешните граници на Унијата.
Тој, по разговорот со австрискиот канцелар Себастијан Курц, чија земја од 1 јули претседава со ЕУ, изјави дека зголемувањето на бројот на припадници на Фронтекс на 10 000 службеници ќе биде направено до 2020 година, а не како што беше првично планирано до 2027 година.
- Се договоривме Европската комисија во септември да го објави предлогот за заштита на надворешните граници, нагласи Јункер.
Претседателот на Европската комисија истакна дека со австриските власти се договорил за тесно усогласување и редовни контакти и во текот на летните месеци.
Што се однесува до реформите на Европскиот систем за азил (ГЕАС) и можностите на договорот за време на австриското претседавање, канцеларот Курц рече дека сака да продолжи со работа на тоа поле, но со реалистичен поглед.
Европската комисија пред три години предложи седум измени, меѓу кои и реформа на Даблинскиот систем, од кои дури пет се суштински спорни.
Курц, во врска со мерките што ги најави Германија, рече дека добил уверување оти Берлин нема да ги врати бегалците во Австрија, ако таа земја не е надлежна за нив.
Тој додаде дека Австрија не е подготвена да склучува договори на штета на земјата.
И австрискиот вицеканцелар Хајнц-Кристијан Штрахе порача дека Австрија нема да ги презема бегалците од Германиаја.
- Ние јасно му ставивме до знаење на министерот за внатрешни работи на Германија, Хорст Зехофер дека нема да ги прифатиме вратени бегалци, нагласи тој.
Штрахе рече дека во документот на германската Влада стои оти министерот Зехофер мора да бара договор со другите држави на ЕУ и тој сега мора да склучи договори со Италија и Грција.