Независне новине - Бања Лука

Во историјата постојат единствени и неповторливи настани... Наспроти нашето убедување дека историјата се повторува и враќа.

Таков беше студентскиот револуционерен бунт во 1968 година. Тоа беше голема творечка планетарна демонстрација на слободата, младоста, револуцијата, соништата, духот, космополитизмот, идеализмот, фантазиите, утопијата, енергијата и политичкиот активизам што го погодија светот. Студентската 68 беше дијалектичка синтеза на авантурата, пацифизмот, рокенролот, хипи движењето, слободната љубов и антикултурата.

Симултанката на нови политички тактики и средства на борба беше момент во Вселената. Тоа беше светлосна година на 20-от век. Голема експлозија на слободата. Беше тоа Одисеја на земјата 1968. Шеесетиосмата беше борбен епитаф на една генерација. Експлозија на спонтаност. Епопеја на директна акција. Блесок на сингуларитетот во конзервативната галаксија. Дело на луда храброст на една младост.

Таа траеше едно лето, но остави траги со децении во историјата. Езеро од кое се вдахнуваа подоцнежните генерации на млади бунтовници.

Светот беше бунтовна планета на младоста. Беше тоа глас на слободната јавност против лагите на Големиот брат. Бунт на новите идеалисти и сонувачи против стариот светски поредок на редот и дисциплината. Револуција на надеж во блиндираниот свет поделен на блоковските ѕидови на комунизмот и капитализмот, на Истокот и Западот, на Северот и Југот, на третиот свет и остатокот од човештвото.

Литературно претерување!? Секако и заслужено. Беа реални го бараа невозможното.

Посвета на таа југословенска генерација од 68-та им даде поетесата Десанка Максимовиќ која меѓу првите ги поддржа студентите во Белград со незаборавните зборови: „Драги деца, запомнете какви сте денес бидејќи нема да можете да бидете такви цел живот. Денес сте најубави и највозвишени во својот живот. Колку долго ќе се сеќавата на тоа толку долго ќе бидете добри“.

Многу години подоцна Бранимир Џони Штулиќ го препозна тој страв на владејачкиот естаблишмент од неговото дело со стихот прашања: „...Зар се сомневаш во своите деца, мислиш ли дека не помнат“. Се сеќаваат и денешните деца на 68-та и што таа им значи денес? Како припадник на лузерската генерација Џони Штулиќ ќе одговори повеќе со резигнирана надеж отколку со вистински очекувања со песната „68“ : „Шеесет и осум, шеест ќе се вратат пак осум шеесет“.

Студентскиот бунт од 1968 година беше отпор против старите и доминантни општествени шеми и на Истокот и на Западот, против војната, капиталистичкото потрошувачко општество, бирократскиот социјализам, неслободата, медиумското затупавување на луѓето, идиотизацијата на образовниот систем и традиционалните норми на однесување.

За 1968 година рекоа дека е „последна светска експлозија на утописката енергија“, „година што го промени светот“, „последен голем светски сон“, „волшебна година“, „ветер на слободата против целосно блокираното општество“ и уште многу тоа. Студентските протести ги поддржаа многу интелектуалци и познати личности во светот меѓу кои и: Бертран Расел, Жан-Пол Сартр, Херберт Маркузе, Адам Михник, Ернес Блох, Хана Арент, Лешек Холаковски, Зигмунд Балманд и многу други.

Шеесет и осмата ни откри некои вистини кои одбивавме да ги прифатиме многу долго. Таа ја урна идиличната претстава за социјалистичка Југославија како безконфликтно општество. За социјалистичките земји тоа беше најдиректен тест и лекција по демократија. Студентскиот протест беше последното југословенско движење.

Таа покажа дека одделните дисидентски испади немаат преголемо значење и дека секоја потреба за промена мора да се колективизира врз основа на масовна солидарност на здружените луѓе во заедничка општествена акција. И кога не успеваат, светот го менуваат сонувачи, идеалисти, скитници и авантуристи посветени на своите идеи.

Студентскиот бунт беше обнова на изборните напуштени општествени вредности и револуции, радикална новина во политичка и општествена смисла. Не постои позначаен настан во историјата кој нема своја долга, задкулисна и тајна позадина базирана на разни теории на заговор и езотиречен поттекст.

Големиот револуционерен студентски бунт од 1968 година ја зачува својата автентичност и неизвалкан морален интегритет на изборниот бунт на младите. За него не може да се каже дека го извеле ЦИА, странски платеници, масоните од групата Билдерберг, Ротшилдови, илуминатите, Сорос и другите тајни центри на моќта кои по општото прифатеното мислење ги насочуваат историските настани.

Шеесет и осмата го зацврсти погрешниот социјалистички мит за предодредената левичарска ориентација на младите генерации. Меѓутоа воинствената и националистичка младина од 90-тите години со сестрана помош на државата покажа дека младите се многу поконзервативни и подесноориентирани од своите родители и постари генерации.

Дали денес е можна слична револуција како онаа во 1968 година? Се чини дека утопијата е одамна напуштена во модерниот свет. Стефан Есел, поранешен дипломат, активен учесник на француското движење на отпорот, заробеник во логорот во Бухенбалт, член на експертската група што ја пишувала Универзалната декларација за човекови права на ОН од 1948 година и автор на бестселерот „Побунете се“, ги повика луѓето ширум светот на бунт против невидливиот и суптилен непријател манифестиран во финансискиот либерализам, што не окупира секојдневно.

Од друга страна Фредерик Гро професор по политичка теорија на Институтот за политички истражувања во Париз, во 2017 година ја објави книгата „Да се отфрли послушноста“, во која ги истражува причините зошто денес луѓето не се бунтуваат.

Тој вели дека денес живееме во време во кое е загубен јавниот општ интерес и жртвувањето поради повисоки општествени цели. Според него, во последните три децении се наоѓаме во „епоха на недолично“. Живееме во време на сеопшта алчност, профитерство, егоизам и општествена негрижа и неодговорност за другите, поради што постоечкиот неправеден поредок се прифаќа како законитост на општествениот развој со што се оправдуваат сите негативни општествени последици што ги произведува таквиот систем.

Тоа води до состојба на целосна безнадежност во која луѓето не гледаат излез од таквиот поробувачки систем, кој ги зароби и ги искористува за своите цели. Тоа создало код кај луѓето за општествена согласност на општествената реалност, така што сите негови штетни аномалии се доживуваат како природна состојба.

Вообичаено студентските протести од 68-та се сметаат како модел за внатрешна автентична револуција, па во таа романтизирана матрица се прават аналогии и се одмерува значењето на денешните протести и бунтови и шансите за некоја нова глобална револуција во светот. Секоја генерација има право на свои соништа, револуција и иднина, кои нема да бидат лимитирани со никакви огради и клишеа, па ни со оние кои потекнуваат од 1968 година.

Сегашната генерација на млади, било да се скептични, изгубени или прегазени или нови генерации на X,Y,Z, со причина го бараат своето место под глобалното сонце. Ве лажат кога ви велат дека постои шаблон за револуција. Тоа се краткорочни упатства што се продаваат поради промоција и пари. Автентичниот бунт е оригинал на заштитени вредности, што се појавуваат во единствени историски околности.

Денешниот свет е „скршено огледало на пластичните општества“, на отуѓени и атомизирани поединци, кои се изложени на планетарно потчинувачки реклами, маркетинг, Пи-Ар и лажни вести, кои ги заменија големите идеологии. Подобриот свет постои само уште во рекламите. А од реклами не може да се влезе во револуција, туку само во состојба на трајна анестезија и залажувања.

Затоа денес нема јасна политичка алтернатива на постоечкиот неолиберален капиталистички поредок. Денешните бунтовници повеќе веруваат во внатрешна експлозија на капитализмот отколку во делотворни револуционерни акции. За промена како и некогаш ни треба фантазија. Колективна глобална акција денеска е речиси невозможна, бидејќи нема големи идеи водилки, како ни масовна солидарност меѓу луѓето.

Во недостиг на таква акција преостанува само уште личното саможртвување. Затоа храбрите млади луѓе како Едвард Сноуден и Џулијан Асанж, вистинските јунаци на нашето време, изгледаат како самоубијци, затоа што немаат никаква поширока глобална поддршка со што на крајот нивните заложби се претвораат во приватна животна драма.

Глобалниот систем секој бунт и отпор ги интегрира и функционализира за сопствени цели и во сопствен интерес. Како да не стигна пророштвото на Обукс Хаксли од неговот предговор на книгата „Злобниот нов свет“ во кој вели дека новиот тотарилизам нема да личи на претходните, туку ќе биде таков со што луѓето доброволно ќе му се потчинуваат без принуда.

Токму онака како што во својот роман „699 динари“ пишува францускиот писател Фредерик Бегбеде: „Живееме во првиот систем на човекова доминација над човекот пред кој дури и слободата е неможна. Наспроти тоа тој систем се потпира на слободата и во тоа е неговиот голем изум“.

Денеска никој не сонува за подобар свет. Никој не сака да го менува дури и кога вели дека е можен поинаков свет. Се чини дека времето на револуциите неповратно заврши. Но, потрагата по утопијата ќе продолжи. Човекот не може да ја поднесе реалноста ни товарот на ненадејната слобода. Помеѓу тоа се револуциите и промените. Ако сакаме промени треба да го направиме возможното: Да го окупираме светот со идеи!.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/07/2018 20:45