Севернокорејското Министерство за надворешни работи соопшти денеска дека разговорите со државниот секретар на САД, Мајк Помпео, се „за жалење“.

Исто така, во соопштението на МНР на Северна Кореја се наведува и дека САД даваат еднострани барања за денуклеаризација.

Помпео денеска ги заврши дводневните преговори со претставниците на Пјонгјанг за укинување на нуклеарното вооружување во Северна Кореја, оценувајќи дека состаноците биле „продуктивни“.

Соопштението на МНР на Пјонгјанг е објавено по само неколку часови откако Помпео ги заврши разговорите.

Во текстот се наведува дека САД „го издале духот“ на минатомесечниот Самит меѓу претседателот на САД Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, со тоа што упатиле „еднострани барања за целосна, проверлива и неповратна денуклеаризација на Северна Кореја“.

Имено, како што се наведува во соопштението, продолжените преговори на двете страни се „многу загрижувачки“ бидејќи се доведени во „опасна фаза што би можеле да ја разниша нашата подготвеност за денуклеаризација, што беше цврста“.

Помпео ги заврши дводневните преговори со севернокорејските претставници, не се состана со лидерот Ким Џонг Ун, но доби ветување дека ќе се одржат нови преговори за денуклеаризација и враќање на посмртните останки на американските војници убиени за време на Корејската војна.

Пред да замине од Пјонгјанг, Помпео истакна дека разговорот со високиот севернокорејски претставник Ким Џонг Чол бил „продуктивен“, како и дека е оставарен „голем напредок“ во многу области.

Тој нагласи дека има уште многу отворени прашања и дека голем дел од нив ќе бидат оставени на работните групи кои двете страни ги одредија со цел да решат.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/07/2018 00:29