Мoра да разбереме колкаво е значењето на традиционалните производи, да ја подигнеме свеста за нивно зачувување, да ги мотивираме и поттикнеме производителите да соработуваат, да им помогнеме да го трансформираат производството од „правење дома“ во мали бизнис ентитети, а институциите да се потрудат да им ги доближат регулативите и барањата, да им објаснат дека не се баук и повеќе да едуцираат, наместо да казнуваат.

Ова се само некои од пораките што во разговор за МИА ги изнесува претседателката на Слоу фуд Балкан Десислава Димитрова.

Повод за разговорот беше годинашниот „Тера Мадре Балкан“ што се одржа во Брисел и кој сите овие прашања ги отвори директно во Европскиот парламент. Димитрова се осврнува на биодиверзитетот, на предизивиците и проблемите со кои се соочуваат малите, традиционални производители во земјите од Западен Балкан, на флексибилноста на европските регулативи, на „обврските“ на институциите и нивниот пристап,...

Укажува дека улогата на науката и истражувањата е неопходна, посебно како гарант за исполнетите хигиенски услови и безбедноста на храната, но и предупредува на можноста од губење на гастрономскиот идентитет ако продолжи процесот на депопулација од руралните подрачја.

- Имаме прекрасна традиција. Поради социјализмот и сите други претходни случувања, претприемништвото настрада, некаде повеќе, некаде помалку. Една работа е да имаш производство долго 200 години, а сосема друго производство од пет, десет години. Кога почнуваш нешто, нормално е да грешиш. Производителите немаат завршено виши школи за храна, земјоделски или технолошки факултети,... Тоа се луѓе кои прават храна. Затоа, тука е многу важна улогата на инсититуциите - да им објаснат како тоа да биде безбедно. Но, тие не прашуваат како да се направи нешто безбедно, да се прилагоди ХАЦЦП системот на пример, на разумен начин, туку доаѓаат и само велат „тоа немаш, тоа немаш, тоа немаш“,..., објаснува Димитрова.

Тоа, додава, не е правилниот пристап зашто ги демотивира производителите и тие ги доживуваат општите правила (стандарди) на ЕУ како нешто многу страшно.

- А тоа всушност не е страшно зашто правилата, да, се дефинирани, но може да се прилагодуваат, што, пак, бара многу добра подготвеност на институциите. Тие треба да ја разберат различноста на храната. Наместо се да се прави на еден ист, востановен начин, да се зачува разноликоста што е типична и карактеристична за секое подрачје. Ние во Бугарија порано имавме два вида сирење, два вида кашкавал, неколку вида салами и толку. За еден експерт кој работи во институција и е обучен за таков вид производства, еднолични, се што ќе отстапи или ќе излезе од државниот стандард е страшно од две причини: прво, треба да се потруди повеќе, да се помачи, а друго, тоа за него значи и поголема одговорост кон потрошувачите. И за него, во ваков случај, е полесно да забранува, отколку да укаже, да помогне, смета претседателката на Слоу фуд Балкан.

На прашањето кој според неа би бил најдобриот модел на релацијата „производител - институции“ и колку потфрламе тука, без двоумење одговара дека клучна е интеракцијата зашто потполно еднаква одговорност имаат двете страни. Ако тоа (про)функционира, тогаш каква ќе биде политиката на државата или на ЕУ за малите производители и не е толку важна.

- Во нашите земји проблем се институцииите кои се уште имаат менталитет на казнување, а треба да им помагаат на малите производители, да им објаснуваат. Луѓето што прават храна во никој случај не сакаат да ги навредат потрошувачите, но од незнаење, посебно на некои подробности, можно е тоа да го сторат. Ако имаш фарма со 50-на овци и сакаш да правиш сирење, реално, основната одговорност е твоја. Треба да се запознаеш со позиводниот процес, условите кои мора да ги исполнуваш,... Тука, во процесот на учење, е добро да имаш некој што ќе ти помага. Најдобро е тоа да биде регионален компетентен орган на кој ќе можеш да му кажеш што не ти е јасно, експерт за безбедност на храна, и да прашаш, да кажеш дека имаш проблем, како тоа и тоа да го направиш. Ако тој не може да ти одговори, треба заедно да барате решение, вели Димитрова.

Уште еднаш истакнува дека од фармерите не се очекува да имаат факултети за преработка на храна или технологија, но од оние што контролираат, освен завршено високо образование, се очекува и знаење, дека разбрале што учеле.

- Сепак, мора да нагласам дека не се само институциите одговорни. И малите производители треба да разберат дека нештата се случуваат со знаење. Тие не треба да се плашат, а се уште има страв кај нив од стандардите, од казни,... Треба да имаат желба да учат, да се развиваат, да се синхронизираат со барањата на пазарот. Тоа е заемен процес и освен интерактивно, нема како поинаку да се случи. Ако не го развиеме, институциите ќе останат на едниот, производителите на другиот крај. Треба да ги поврземе тие две точки, да ги натераме да соработуваат. Само тогаш ќе имаме успех. Во спротивно, производителите или ќе преминат во сивиот сектор или ќе се откажат, дополнува Димитрова.

Во врска со флексибилноста на ЕУ регулативите нејзиниот став е дециден: ЕУ направи доволно. Регулативите за производство на храна дозволуваат прилагодување на правилата и поради тоа, националното ниво во овој контекст, е најважно. Потоа доаѓа регионалното.

- Имаме уште многу што да сториме дома и тоа зависи од нас самите, од тоа дали и колку ќе сработиме. Нештата треба да се случуваат од долу, нагоре. Во Брисел беше кажано дека Европската комисија предвидува прилагодување, адаптирање на регулативата кон условите во секоја од земјите - членки и кандидати за членство. ЕУ всушност ја дава рамката, а флексибилноста значи од каде до каде можеш да „мрдаш“, да правиш отстапки. Се разбира, на прво место е безбедноста на храната, но има многу голем дијапазон на отстапки. Токму тие треба да се прават во соработка со институциите, со одговорните. На секоја од земјите одделно е да ги спроведе тие отстапки, појаснува претседателката на Слоу фуд Балкан.

Заштитени географски ознаки

Според Димитрова, во земјите од Регионот географската ознака нема улога само да го заштити тоа што го имаме, туку многу често ги „воскреснува“ производите и традицијата кои сме ги заборавиле или напуштиле, а ги имаме, стојат некаде „скриени“ во руралната заедница.

- Сите ние од Западен Балкан делиме заеднички ресурси и предизвици. Географските ознаки се инструмент не само за заштита на нашиот гастрономски идентитет, туку и за креирање сосема поинаков бизнис модел - на мали произодства, наведува Димитрова.

Разговорот се сведе на заклучокот дека зачувувањето на традиционалното производство не е воопшто лесен процес. Бара знаење, постојано учење, користење на науката и истражувањата, како и целосна посветеност, вклученост на институциите.

- Заштитиените преку 300 производи во Арката на вкусови, се многу добар почеток. Секој од нив има потенцијал, но преостанува многу работа. Мора да се заложиме за луѓето кои ја претставуваат нашата храна со достоинство. Се надеваме дека многу скоро домашните производи ќе прераснат во мали бизниси, оцени Десислава Димитрова.

Мирјана Чакарова



Автор: Администратор
Објавено на: 08/07/2018 20:29