Спасувачките екипи досега извлекоа четири од 12-те деца, кои заедно со нивниот тренер две недели се заглавени во една пештера во Тајланд, соопшти попладнево шефот на спасувачката операција, гувернерот на провинцијата Чианг Рај. Наронгсак Осатанакорн.
Претходно, западните медиуми повикувајќи се на извори во кризниот центар, јавија дека биле спасени шест деца, но Осатанакорн на прес-конференција ги негираше таквите информации.
Тој нагласи дека прво биле извлечени две од момчиња кои биле во најдобра здравствена состојба, па потоа уште две други.
Спасените деца веднаш по извлекувањето од пештерата биле префрлани во импровизирана амбуланта во близина каде биле подложени на детални медицински прегледи, а потоа пренесени во болница. Три од момчињата во болница биле пренесени со хеликоптер, а едно со амбулантно возило.
Според Осатанакорн, останатите осум деца и нивниот тренер се уште се наоѓаат на истата локација на која беа пронајдени, на четири километри од влезот во пештерата и очекуваат да бидат спасени.
Тој нагласи дека за подготовка на секоја следна етапа од спасувачката операција се потребни по околу 10 часа. Во операцијате учествуваат 90 нуркачи, од кои 40 Тајланѓани и 40 странци.
- Операцијата се одвива добро и според очекувањата, нагласи Осатанакорн.
Операцијата за спасување на децата започна претпладнево по локлано време и според најавите на кризниот центар, таа ќе трае два до три дена.
- Тие ќе бидат извлекувани еден по еден и тоа ќе трае два до три дена, изјави утрово раководителот на центарот.
Како што јави МИА, децата, на возраст од 11 до 16 години, кои беа сместени во еден фудбалски камп, и нивниот тренер заминале на разгледување на пештерата на 23 јуни, меѓутоа обилните монсунски дождови предизвикаа поплавување на пештерата и тие останаа заглавени во неа.
На еден искусен нуркач за пристап до местото на кое се наоѓаат децата и ваќање назад, му се потребни 11 часа. Рутата е долга неколку километри и минува низ матна застоена вода, тесни канали, скали и други препреки. На некои места видливоста во водата е речиси нула.