Речиси 6 од 10 Грци или 58 проценти го оцениле договорот од Преспа како негативен, покажува новото истражување на јавното мислење во Грција. Триесет проценти од испитаниците на прашањето како го оценувате Договорот од Преспа одговориле позитивно.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, според резултатите од анкетата спроведена на 9.800 лица од агенцијата Капа Research за весникот „Етнос“, 56 отсто од испитаниците сметаат дека Договорот не треба да биде ратификуван во грчкиот парламент, откако Македонија ќе ги заврши предвидените обврски односно референдумот и уставната ревизија, а 37 отсто рекле дека грчките пратеници треба да го ратификуваат.
И покрај тоа што не сакаат ратификација, сепак анкетираните Грци сметаат дека Договорот од Преспа ќе помине во грчкиот Парламент со 151 глас. 58 отсто од испитаниците рекле дека ќе биде ратификуван, а 31 отсто дека пратениците ќе гласаат против.
Од анкетираните било побарано да одговорат и на прашања поврзани со Нова демократија и каков би бил ставот на опозициската партија во однос на Договорот, доколку дојде на власт. 56 отсто од испитаниците сметаат дека Нова демократија како влада би го задржала Договорот како што е сега, 23 отсто дека одново ќе преговара, а 11 отсто дека ќе го поништи.
Четири од од 10 Грци, сметаат дека „во случај по следните избори, Нова демократија да формира влада, Договорот треба да се поништи“, 30 отсто одговориле дека треба да остане како што е, а 22 отсто рекле дека треба да се започнат нови преговори за да се подобри.