Трошоците на живот во јуни се непроменети во споредба со претходниот месец, а во однос на јуни лани бележат раст од 1,4 проценти, објави Државниот завод за статистика.

Според објавените податоци цените на мало бележат раст од 0,2 проценти во однос на мај годинава, а во однос на јуни лани раст од 2,8 проценти.

Објавените податоци покажуваат дека кај трошоците на животот е забележано движење во подгрупите, односно во споредба со претходниот месец, е забележан раст кај свежото и разладеното овошје за 4,8 отсто, замрзнатото овошје и сувото овошје и јаткастите производи за 0,4 отсто, јогуртот, замрзнатиот зеленчук освен компирот и другите коренести плодови за 0,3 отсто, сирењето и урдата, конзервираното овошје, шеќерот, џемот, медот и кондиторските производи и другите прехранбени производи за 0,2 отсто.

Пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај течните горива за домаќинствата за 4,8 отсто, услугите за сместување за 3,7 отсто, течните горива и мазива како дел од опремата за сопствени сообраќајни средства, услугите за култура за 3,5 отсто, туристичките пакет-аранжмани за 2,8 отсто, гасот за домаќинствата за 2,6 отсто, парамедицинските услуги за 2,2 отсто, стоматолошките услуги за 1,8 отсто, игрите, играчките и хобијата за 1,6 отсто, средствата за чистење и одржување на станот за 1,1 отсто, снабдувањето со вода и другите услуги во врска со станот за 0,6 отсто и обувките за 0,4 отсто.

Намалување на индексите на трошоците на животот во јуни 2018 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компирот и другите коренести плодови за 6,7 отсто, компирот за 2,2 отсто, рибата и морските плодови, маслото и маснотиите за 0,5 отсто.

Намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај книгите за 11,3 отсто, авионскиот превоз на патници за пет отсто, дисковите, касетите, дискетите, цедеата, филмовите за 4,4 отсто, телефон и телефакс-опремата за 4,1 отсто, болничките услуги за 1,7 отсто, градините, растенијата и цвеќињата за 1,1 отсто, малите електрични апарати за домаќинствата за еден отсто информатичката опрема за 0,8 отсто, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 0,6 отсто, големите електрични апарати за домаќинствата, услугите за лична хигиена за 0,5 отсто, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 0,4 отсто, материјалите за одржување и поправки на станот и лековите за 0,2 отсто.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/07/2018 13:59