Двајцата новинари на агенцијата Ројтерс, кои се обвинети за шпионажа во Мјанмар, денеска изјавија дека не се чувствуваат виновни.

Новинарите Ва Лон и Куав Сое О беа уапсени во декември минатата година, со доверливи документи кои се однесувале на состојбата во областа Ракајн, од каде мјанмарската армија протера стотици илјади муслимански жители, Рохинџи. Новинарите се обвинети дека собирале доверливи податоци со цел да и нанесат штета на државата, за што им се закануваат казни затвор од по 14 години.

- Вистината мора да излезе на виделина. Ние не извршивме никаков престап и нема да се предадеме. Не сме исплашени од овие монтирани обвиненија. Невини сме, изјави новинарот Ва Лон.

Главниот уредник на агенцијата Ројтерс, Стивен Адлер во соопштение изрази разочараност од одлуката на судот да го продолжи процесот против двајцата нивни новинари.

Следното рочиште е закажано на 16 и 17 јули.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/07/2018 14:32