Акцијата на спасувачките екипи за извлекување на децата и нивниот тренер, кои повеќе од две недели се заглавени во една поплавена пештера во Тајланд, е завршена за денеска и таа ќе продолжи утре, јави Си-Ен-Ен.

Во текот на вчерашниот и денешниот ден спасувачите успеаја да извлечат вкупно осум деца, па сега во пештерата во провинцијата Чианг Рај на северот на Тајланд останаа уште четири момчиња и тренерот.

Спасувачите влегуваат во пештерата со боци со кислород и маски за децата, кои потоа ги извлекуваат со помош на јаже кое минува низ кривулестите и тесни канали во вупна должина од околу четири километри.

Спасувачката акција е комплицирана и затоа што дел од децата се непливачи и мораа да бидат обучувани од страна на нуркачите пред да се направи обидот за нивно спасување.

Четирите деца кои беа извлечени вчера од пештерата се опоравуваат в болница, каде им се придружија и четворицата нивни другари спасени денеска.

Еден од членовите на семејствата на момчиањта за Си-Ен-Ен изјави дека родителите засега не знаат кои деца се спасени од пештерата, а кои се уште се наоѓаат во неа.

Кризниот центар кој раководи со спасувачката операција информира дека нема да ги соопшти имињата на извлечените деца, „од почит кон семејствата на момчињата кои се уште се наоѓаат во пештерата“.

Децата, на возраст од 11 до 16 години, кои беа сместени во еден фудбалски камп, и нивниот тренер заминале на разгледување на пештерата на 23 јуни, меѓутоа обилните монсунски дождови предизвикаа поплавување на пештерата и тие останаа заглавени во неа.

Во операцијата за извлекување на децата учествуваат 90 нуркачи, од кои 40 Тајланѓани и 40 странци. За подготовка на секоја следна етапа од спасувачката операција се потребни по околу 10 часа.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/07/2018 17:18