Рударите на најголемиот косовски рударски комбинат „Трепча“ денеска стапија во генерален штрајк, во знак на незадоволство од изготвениот предлог за статусот за комбинатот, како и поради игнорирањето на нивните барања од страна на надлежните институции, јави дописникот на МИА од Приштина.

Тие изразија подготовеност да го продолжат штрајкот до исполнувањето на сите нивни барања, меѓу кои се и пензиите да бидат во износ од 70 отсто од платата, пензионирање на возраст од 50 до 55 години, измени во законот за трудови инвалиди и право на семејна пензија и здравствено осигурување.

Претседателот на Синдикатот на вработените во „Трепча“, Шиќири Садику, кој е воедно и член на Управниот одбор на Комбинатот, изјави за медиумите дека сите работи во „Трепча“ се прекинати, освен клучните места каде што има дежурства, со цел да не се загрози рудникот и неговите витални точки.

Според него, и рудниците во Артана (Ново Брдо) и во Кишница ја прекинале работата во знак на солидарност со рударите во Стари Трг.

Рударите бараат средба со косовскиот министер за економски развој Валдрин Лука и со Управниот одбор на Комбинатот, но до сега немаат добиено одговор на ваквите барања.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/07/2018 20:10