Шефот на британската единица за борба против тероризмот Нил Басу денеска изјави дека детективите не можат да утврдат дали супстанцијата „Новичок“, на која биле изложени двајца Британци, е истата која била употребена при труењето на поранешниот руски агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија.
Доун Старџис (44) почина вчера откако на 30 јуни била изложена на „Новичок“ во Западна Англија, само неколку километри од местото каде што пред четири месеци беа нападнати таткото и ќерката Скрипал.
- Последниот ужасен пресврт на настаните ја зајакна решителноста на нашиот истражен тим, додека работиме за утврдување на одговорните за овој скандалозен и варварски чин, изјави највисокиот офицер во контратерористичката единица.
Според него, истражните органи засега не се во состојба да кажат дали нервниот агенс, откриен во инцидентот е поврзан со нападот врз Сергеј и Јулија Скрипал.
Според антитерористичката полиција, двајцата Британци, кои настрадаа од „Новичок“, допреле шишенце со отровната супстанција.
Басу, рече дека Старџис, која почина вчера, и нејзиниот партнер Чарли Роули биле изложени на „висока доза“ од отровната материја.
Во моментов, работната верзија е дека инцидентот со Старџис и Роули е поврзан со нападот во март против Скрипал и неговата ќерка во Солсбери.
Повеќе од 100 полицајци ги претресоа сите места што двајцата Британци ги посетиле пред да се разболат пред девет дена. Пребарувањето е фокусирано на нивните домови и во парк во Солсбери.
Роули се уште е во критична состојба во болницата Солсбери.
Британски полициски претставник изјави дека „не може да гарантира“ дека нема да има други жртви на „Новичок“.
- Не можам да дадам гаранции за јавната безбедност, изјави тој и ги повика луѓето да не допираат шприцеви или „невообичаени предмети" со течност.