Велика Британија ќе го зголеми речиси двојно финансирањето за државите од Западен Балкан до 80 милиони фунти (106,6 милиони долари) како и бројот на своите службеници во областа на безбедноста во регионот, во обид да се справи со локалниот организиран криминал.

Велика Британија нагласува дека тие мерки покажуваат дека државата останува ангажирана за стабилноста на регионот без разлика што се водат преговори за Брегзит.

- Историјата покажува, че еден стабилен и безбеден Западнобалкански регион значи една стабилна и безбедна Европа, нагласи британскиот премиер Тереза ​​Меј, во изјавата дадена пред претстојната денешна средба во Лондон на високо ниво со учеството на шефови на влади од држави од Зпаден Балкан и некои европски лидери.

Државите од Западен Балкан - Албанија, БиХ, Косово, Македонија, Србија и Црна Гора - имаат амбиции за членство во Европската унија.

Велика Британија ќе го зголеми речиси двојно финансирањето на регионот за 2020/2021 година во однос на 2018/2019 година - до 80 милиони фунти од 41 милион.

Со тоа што ќе ја зголеми бројката на службеници во областа на безбедноста на Западен Балкан, Велика Британија се надева дека ќе го намали криминалот со дрога на своја територија и ќе го засили одговорот на регионот за борба со организираниот криминал и насилниот екстремизам.

Организирани криминални групи од западнобалкански држави, како Албанија, имаат голем пристап во Велика Британија и според анализи, една криминална мрежа внесува во Велика Британија во просек повеќе од 8000 килограми кокаин годишно со улична цена од 800 милиони фунти.

Меѓу другите планирани мерки е формирање Балкански центар за набљудување организиран криминал, што ќе биде проект заедно со Австрија и Норвешка.

Британската влада ќе одвои еден милион фунти за обучување и советување за прашања за кибербезбедноста на Западен Балкан.

Иста сума ќе биде дадена за помош на регионот и за поддршка на организации што работат за откривање и идентификација на 12 илјади жртви од конфликтите од 90-тите години на минатиот век.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/07/2018 10:45