Потребна е храброст, информации, поврзување и приближување кон институциите на системот, за да можат жените да се одважат и да започнат сопствен бизнис. Истражувањата покажаа дека жените се претприемачи главно се во мали и микро претпријатија со пет до десет вработени, во ниско профитни дејности.

Тоа неше истакнато денеска на обуките за жените кои сакаат да бидат претприемачи во Штип како центар на источниот регион.

Наташа Здравковска од Здружението на Бизнис жени вели дека преку проектот ќе имаат задача да ја надминат главната пречка за да жените целосно се пронајдат и реализираат во високо доходовни бизниси.

- Тие дејности бараат многу повеќе инвестиции и е многу потешко за жените, затоа што банките веруваат во тоа што може да се даде како залог, а знаеме дека во Македонија жените генерално немаат сопствен имот, така што немаат така лесен пристап до финансии, како што имаат мажите, вели Здравковска.

Викторија Милановска координатор на проектот „WE MAKE” за источниот регион вели дека парите се важни, но не и пресудни за започнување на бизнис. Според теренското истражувања во првата фаза сепак поважна е бизнис идејата и информираноста.

- Тоа е она на кое што се наидува на голема пречка. Значи пристапот до информации, меѓутоа до правилни информации кои што ќе им ја дадат клучната насока, зборуваме конкретно во случајот за жените, како да го остварат својот потенцијал и како да се вложат на професионален план и искористувајќи го своето формално образование, вели Милановска.

Од Здружението на бизнис жени забележуваат дека жените во бизнисот треба правилно да го искористат своето формално образование, квалификации и сето она што го стекнале како искуство на професионален план.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/07/2018 15:21