Првиот потпретседател на државата во историјата на Турција, Фуат Октај и министрите во новата турска Влада денеска положија заклетва пред членовите на Собранието во Анкара.
По полагањето заклетва, пратеникот Дурмуш Јилмаз од опозициската Добра партија, кој претседава со Парламентот до изборот на негов претседател, на Октај и на членовите на Владата им посака успешна работа.
Од лидерите на парламентарните партии на церемонијата присуствуваше само Девлет Бахчели, првиот човек на Партијата на националистичкото движење (МХП), која на јунските избори беше коалициски партнер на Партијата за правдата и развојот (АКП) на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.
Првата седница на новата Влада, која Ердоган је именуваше синоќа, е закажана за в петок, а еден ден претходно предвидено е да се спроведе избор на претседател и потпретседатели на Парламентот.
Новата Влада има 16 министри, од кои само четворица беа членови и на претходниот владин Кабинет. Меѓу министрите кои ги задржаа функциите се шефот на дипломатијата Мевљут Чавушоглу и првите луѓе на министерствата за внатрешни работи и за правда, Сулејман Сојлу и Абдулхамит Ѓул.
Четвртиот старо-нов член на Владата е зетотот на Ердоган, Берат Албајрак, кој досега беше министер за енергетиката и природни ресурси, а сега е прв човек на Министерството за финансии.
Досегашниот началник на генералштабот Хулуси Акар е нов министер за одбрана, а за првпат на чело на Министерството за трговија застаа жена - Рухсар Пекџан. Втората жена во новата Влада е Зехра Зумрут Селчук, која е именувана за министер за труд и социјална политика.
Министер за култура и туризам е Мехмет Ерсој, за енергетика и природни ресурси Фатих Донмез, за здравство Фахретин Коџа, за образование Зија Селчук, за транспорт и инфраструктура Мехмет Џахит Туран, а за животна средина и урбанизам Мурат Курум.
Потпретседателот Фуат Октај досега беше советник во Кабинетот на Ердоган.
Во меѓу време, Ердоган денеска објави нов указ со кој си даде овластување да го именува гувернерот на Централната банка на Турција.
Како што јави ДПА, со указот се предвидува гувернерот на Цантралната банка да има мандат од четири години, наместо досегашните пет. Досега гувернерот го именуваше Владата.