Овие денови американски разузнавачи на социјалните мрежи објавија документи кои од 1980 година ги чуваат во својот музеј.

Овие денови на Твитер американската Централна разузнавачка агенција - позната под кратенката ЦИА, се појави необична објава. Со текст „Музејски артефакт на неделата - најава на ФБИС (Foreign Broadcast Information Service- интерна информативна служба на ЦИА), со кој се открива смртта на претседателот на Југославија Јосип Броз Тито“.

Работата е во тоа што над веста за смртта на Тито, како извор се наведува Радио Букурешт, од кој наводно ја земале веста на 4 мај 1980 година во 19 часот по локално време. Тоа е доказ дека грешат и најголемите бидејќи оваа вест единствено можеле да ја преземат од Радио Белград, но некои од оперативците ги побркал двата главни града на двете соседни држави.

Во натамошниот текст го пишува истото тоа што први го слушнаа граѓаните на поранешната држава што на 4 мај 1980 година прв ја прочита во директен телевизиски пренос Мирослав Лилиќ, тогашен водител на централен Дневник на Телевизија Загреб.

„Централниот комитет на комунистичката партија на Југославија и Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија и јавува на работничката класа, на сите граѓани, народи и народности на Социјалистичката Федеративна Република Југославија дека почина другарот Јосип Броз Тито, претседател на Социјалистичката Федеративна Република Југославија и на КПЈ“.

Инаку, американските тајни служби наводно биле уверени дека Тито не бил „вистинскиот“ Тито, а таа приказна им ја раскажал Марјан Џон Маркул во неговата канцеларија во Лос Анџелес.

Маркул тврдеше дека човекот кој тогаш се претставуваше како маршал Јосип Броз Тито всушност не е вистинскиот Тито. Тоа е руски агент кој го преземал идентитетот на Тито откако вистинскиот Јосип Броз исчезнал во Русија 1937 година, стои во белешката на ФБИ од почеток на мај 1955 година. Маријан Маркул е роден во Ливна 1909 година, во САД се доселил 1936 година, а државјанство добил откако две години служел во американската војска.

Во секој случај, смртта на Јосип Броз Тито одекна во целиот свет, а колку влијание имал, најдобро зборува неговиот погреб на кој пристигнаа сите најголеми светски државници, од рускиот претседател Леонид Брежњев до индиската премиерка Индира Ганди, англиската премиерка Маргарет Тачер, потоа италијанскиот претседател Сандро Пертини, германскиот канцелар Ханс Дитрих Геншер па до сите претседатели на земјите од Движењето на неврзаните, вкупно повеќе од 300 државници и делегации како и десет кралеви и членови на кралски семејства. На смртта на Тито се присети неговата внука театарска режисерка Саша Броз.

„Веќе тоа последно лето често се жалеше дека не се чувствува многу добро, а беше многу потивок од претходно“, раскажа таа во една прилика. „Не го радуваше патувањето на Куба бидејќи сметаше дека тоа ќе му биде многу напорно... Тој ги забрани моите посети во болница. Родителите подоцна тоа ми го објаснија дека едноставно сакал да го запаметам онаков како што бил.... раскажа таа. „Паметам само дека го молев од Куба да ми донесе кукла мал црнец и како детално му објаснив како сакам таа кукла да изгледа и што би требало да има облечено“. Во моментите на смртта на Тито, Саша била дома со мајка и и братот.

„Неколку часа пред да почине дедо ми, по мојот татко Миша дојде службено возило со кое отиде во КБ Љубљана. Кога неколку часа подоцна заѕвони телефонот, мајка ми се јави и веднаш почна да плаче. Брат ми и јас знаевме зошто“.

На прашањето како нејзиниот татко се носел со тагата, Саша вели: „Татко ми беше многу тажен, но достоинствено се носеше со болката, како всушност и целото семејство“.

Последните месеци од животот ги мина во болница во Љубљана. Неговиот личен „батлер“, а денес готвач, Словенецот Јожа Осели: „Ние се грижевме за исхраната на претседателот и лекарскиот конзилиум. Мојата сопруга Метка се грижеше за неговата исхрана. Има и денес запишано колку лажици јадел за секој оброк, бидејќи се се мереше во калории. Кога веќе не одеше нормалната храна, ја добивме таа храна од НАСА од Америка, конзерви за астронаути, а потоа, на крајот, се премина на инфузија.

„Експрес.хр“



Автор: Администратор
Објавено на: 10/07/2018 22:18