Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека на претстојната средба меѓу претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин ќе се дискутира за состојбата во Украина и во Сирија, двете кризни жаришта кои ги зголемија тензиите меѓу Вашингтон и Москва.

За време на посетата на Обединетите Арапски Емирати, Помпео ја обвини Русија дека не го почитувала договорот да не се спроведуваат воени операции на југот на Сирија.

- Очигледно е дека го нарушија овој договор. Работиме со сите заинтересирани страни за да ги убедиме Русите, Сиријците и Иранците да ги испочитуваат своите политички обврски. Иран и иранските доброволци треба да се повлечат од Сирија, побара Помпео.

Трамп и Путин ќе се сретнат на 16 јули во финскиот главен град Хелсинки, за време на европската турнеја на Трамп, кој претходно ќе учествува на самитот на НАТО во Брисел и ќе ја посети Велика Британија.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/07/2018 01:00