Франција дава целосна поддршка на имплементација на неодамнешниот договор меѓу Грција и Република Македонија во врска со името, е ставот кој ќе го пренесе шефот на француската дипломатија Жан-Ив Ле Дриан на Самитот од Берлинскиот процес посветен на Западен Балкан, кој се одржува во Лондон.
Како што се вели во изјавата на портпаролот на Министерството за Европа и за надворешни работи на Франција, Ањес Фон Дер Мил, добиена од Француската амбасада во Скопје, на Самитот на кој присуствуваат осум земји од Европската Унија (Германија, Австрија, Хрватска, Франција, Италија, Полска, Велика Британија) и шесте земји од Западен Балкан, министерот Ле Дриан ќе го претставува претседателот на Република Франција.
Франција е вклучена во Берлинскиот процес од неговиот почеток во 2014 година и беше домаќин на самитот во 2016.
- Политичкиот дијалог воспоставен во оваа прилика меѓу земјите-членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан, како и конкретните проекти кои имаа за цел да се забрзаат економските размени, да се даде поддршка на младите и да се решат билатералните спорови, придонесоа за одржлива стабилизација, за економски и социјален развој и за приближување кон Европа на овој регион, ќе посочи, меѓу другото, францускиот министер за Европа и за надворешни работи.
Тој повторно ќе ја искаже поддршката на Франција кон помирувањето меѓу земјите и народите од Западен Балкан, особено преку Младинската канцеларија за регионална соработка (РИКО), создадена според моделот на Француско-германската канцеларија за млади (ОФАЈ), се наведува во изјвата на портпаролката Фон Дер Мил.