Српската премиерка Ана Брнабиќ, по повод денешното приведување на петмина Срби во Гњилане, изјави дека е „жално што властите на Косово се однесуваат се поагресивно кон косовските Срби“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Одоговарајќи на прашање на телевизијата КТВ дали нејзината Влада им се заканува на Србите кои се припадници на Безбедносните сили на Косово (ФСК), Брнабиќ рече дека фактот оти петмината Срби се уапсени „само затоа што отишле да разговараат со некого“, говори за тоа „каква држава се обидува да стане Косово“.

- Секој може да одлучи дали сака или не сака да биде член на некоја организација. Но, да уапсиш некого само затоа што отишол да раговара со некого за таа работа, тоа е недозволиво, изјави српската премиерка за приштинската телевизија.

Петмина косовски Срби денеска беа уапсени во Гњилане, како осомничени дека работеле против безбедноста и Уставот на Косово. Откако беа сослушани во полиција, тие беа ослободени, но постапката против нив ќе продолжи, соопшти Обивинителството во Гњилане.

Официјален Белград пред тоа порача дека ќе ги прекине преговорите со Приштина на неодредено време, доколку петмината приведени не се ослободат во текот на денот.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/07/2018 01:35