Шефови на држави или влади на членки на НАТО почнуваат денеска дводневен самит во Брисел на кој се очекуваат нови притисоци на американскиот претседател Доналд Трамп врз сојузниците да зголемат издвојувања за одбрана.
На дневен ред на самитот ќе биде и јакнење на способноста за одбрана, проектирање на безбедноста, борба против тероризмот и посилна осработка со Европската унија.
Членките на НАТО се договорија на самитот во Велс одржан во 2014 година дека во следните 10 години ќе ги зголемат издатоците за одбрана на два отсто БДП.
Таа цел според најновите податоци моментно ја исполнуваат осум држави членки – САД, Велика Британија, Грција, Естонија, Летонија, Литванија, Полска и Романија. Се очекува до 2024 година таа цифра да биде 17 држави.
Меѓутоа, уште некои земји, меѓу кои и големите земји како Германија, Италија и Шпанија, нема да ја постигнат зацртаната цел. Од вкупните трошоци за одбрана на сите земји-членки на НАТО, на САД отпаѓаат 70 отсто.
- САД трошат на НАТО повеќе отколку која било друга држава. Тоа не е чесно ниту прифатливо. Иако тие држави зголемуваат свои придонеси откако сум јас на функција, тие мора да направат многу повеќе, наведе вчера Трамп на Твитер пред заминувањето за Европа.
Се очекува на самитот на НАТО членките да потврдат одлуки за прилагодување на командната структура на Алијансата која ќе се зголеми за 1.200 лица како и „иницијативна подготвеност“ со која сојузниците до 2020 година ќе имаат 30 механизирани бригади, 30 воздухопловни ескадрили и 30 борбени бродови подготвени за дејствување во рок од 30 денови или помалку.
Се очекуваат и одлуки дека новата заедничка команда за Атлантикот да биде во Норфлок, во САД, а новата логистичка команда во Улм во Германија.
Членките на НАТО ќе донесат и одлука за почеток на преговори за членство на Македонија во Алијансата кои може да почнат на 1 август и одлука за продолжување на финансирањето на авганистанските сили до 2024 година.
Европските сојузници стравуваат дека Трамп може да се обиде да продлабочи поделби меѓу САД и ЕУ и да испропвоцира поделби во Унијата.
Се споменува можност Трамп како отстапка за Русија да откаже воена вежба на НАТО „Trident Јuncture“ која во октомври треба да се одржи во Норвешка со образложение дека таа вежба може да се разбере како закана и дека тоа е преголем трошок за американските даночни обврзници.