Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) по повод Светскиот ден на населението ги повика владите да ги исполнат своите обврски за обезбедување на универзален пристап до сексуално и репродуктивно здравје, вклучувајќи и информации и услуги за планирање на семејството.
Извршната директорка на УНФПА, Наталија Канем во пораката испратена по овој повод наведува дека инвестициите во планирањето на семејството денес претставуваат инвестиции во здравјето и благосостојбата на милиони жени за следните генерации.
- Ние се стремиме до 2030 година да ставиме крај на сите неостварени потреби за самостојно планирање на семејството во земјите во развој. Меѓутоа, тоа неможе да го направиме сами. Владите, пратениците, приватниот скетор и граѓанското општество мора да ги здружат силите за остварување на оваа цел. За почеток развиените земји би можеле да го пополнат финансискиот јаз во однос на глобалното планирање на семејството за само 20 центи по лице годишно. Со оглед на тоа што ќе го добијат семејствата, општствата и нациите за возврат, тоа би било стратегиска и достижна инвестиција за иднината на светот, наведува Канем во пораката.
Околу 214 милиони жени во регионите во развој се уште немаат безбедни и ефикасни методи за планирање на семејството што, според Канем, ја загрозува нивната способност да создаваат подобра иднина за себе, за своите семејства и општеството.
Пред педесет години на 13 мај 1968 година на Меѓународната конференција за човекови права на ОН во Техеран беше објавено дека „родителите имаат основно човеково право слободно и одговорно да го одредат бројот и разликата во годините на своите деца“.