При пристигнување на Самитот на НАТО во Брисел, по појадокот со американскиот претседател Доналд Трамп, кој упати остри критики за ниските буџетски стапки за одбрана на земјите членки на НАТО, генералниот секретар Јенс Столтенберг беше одлучен да покаже оптимизам дека Алијансата денеска ќе остане обединета.

- Зборовите на Трамп се силни но сите се согласуваме, тоа е тоа што почнавме да го правиме. Очекувам отворени дискусии. И покрај разликите очекувам да се согласиме дека сме посилни заедно, истакна Столтенберг, јави дописничката на МИА од Брисел.

- Откако со децении сојузниците ги намалуваа буџетите за одбрана за стотици милијарди евра и долари, сега гледаме дека додаваат стотици милијарди долари и евра за одбраната. Ова е најголемото зголемување во Европа и Канада. Сите сојузници го зголемуваат буџетот за одбрана, додаде тој.

Столтенберг изрази уверување дека ќе се исполнат заложбите за зајакнување на заедничката одбрана, како и во борбата против тероризмот преку мисии за обука и ќе се покаже дека НАТО и натаму е осврнат кон целите.

По тензиите во трговијата и неуспехот на Г-7 самитот во Канада, сојузниците на НАТО стравуваат од непредвидливоста на американскиот претседател.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/07/2018 12:17