Ципрас и Каменос, пред три седмици во Преспа признаа македонска националност и јазик за Скопје, денес во Брисел ја отвораат вратата за интеграција во НАТО, вели претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, во изјавата посветена на самитот на НАТО, лидерот на најголемата грчка опозициска партија, упатува остри критики и обвинувања до владата на Ципрас и Каменос во однос на поканата за Македонија за членство во Северно атлантската алијанса.
- Денес во Брисел, господата Ципрас и Каменос на соседната држава Скопје ѝ ја отвораат вратата за интеграција во НАТО. Така, го предаваат најсилното преговарачко оружје што го имаше Грција и беше национална линија во последните 27 години, вели Мицотакис и потенцира дека коалициските партнери во владата носат тешка одговорност и „народот наскоро ќе им пресуди“.
Мицотакис ги обвинува Ципрас и Каменос дека пред три седмици во Преспа „ги признаа наводните македонска националност и јазик за Скопје и покрај апсолутната спротивставеност на граѓаните“.