Пред Самитот на НАТО американскиот претседател Доналд Трамп се расправа со сојузниците пред се, со Германија. Тој ја обвинува Владата во Берлин дека не дала доволно пари за одбрана. Дали е во право?

Кога Кабинетот на Владата на Германија во почетокот на годината замина на седница во дворецот Мезеберг на него беше и еден важен гостин - генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Тој е на функција од 2014 година и добро е запознат со недостатоците во Бундесверот. По завршувањето на Студената војна германската војска беше многу ослабена и денес е далеку од соодветна опременост. Одамна е познато дека на Бундесверот многу му недостасува опрема за задачите што ги бара НАТО. Сепак од Столтенберг покрај опомените можеа да се слушнат и пофалби - Бундесверот во Литванија предводи мултинационална борбена единица за заштита на источните НАТО - држави и одлучно е вклучен во мисија во Авганистан, на Косово и во Средоземното Море.

Всушност, Германија нуди во Улм да се формира една од две планирани нови команди на НАТО што би требало да овозможат побрзо разместување воени сили во Европа. Тоа, според Столтенберг се вонредни придонеси. Со тоа тој даде најдобра оценка за една од трите категории според кои се мери ангажманот на државите членки на НАТО: Commitmens (приоднес), Cash (финансиски издвојувања за одбрана) и Capabilities (способност).

Кога се работи за издвојување за одбрана тој од Германија бара повеќе пред Самитот во Брисел.

Столтенберг така се осврна на целта што ја поставија членките на НАТО во Самитот во Велс во 2014 година - до 2024 година сите да издвојуваат два отсто БДП за одбрана. Поставената цел е реакција на руската анексија на Крим спротивна на меѓународното право.

Оттогаш во Германија постојано се зголемува воениот буџет.

Според Владата од 2013 до 2017 има зголемување за 17 отсто. Оваа година буџетот изнесува 39 милијарди евра додека следната околу 43 милијарди евра. Тоа е втора ставка во државниот буџет на Германија. Во план е во следните години постепено да се подобрува опремата посебно хиликоптерите, борбените авиони и подморниците.

И покрај вложените напори Германија е далеку од целта од два отсто и моментно издвоила само 1,24 отсто. Причина за тоа е и големината на БДП што годишно расте за околу два отсто. Доколку сојузната Влада во 2024 година сака да дојде до два отсто БДП за одбрана, тогаш расходите треба да бидат речиси четири пати поголеми. Тоа е рамка што тешко може да се постигне во време на намалување на долгови.

Минатата година САД издвоиле 610 милијарди долари за одбрана и тоа е 3,1 отсто од БДП.

Дел од тие пари САД ги вложуваат за заштита на европските сојузници што безбедносно политички гледано е во нивни интерес и не е променето со доаѓањето на Трамп. Барањето европските држави повеќе да се ангажираат за НАТО не е ново, туку Трамп само упорно инсистира на тоа.

Што се однесува за Германија тој поврзува две обвинувања: Германскиот трговски суфицит е превисок, а издвојувањата за одбрана се премногу ниски. Германија издвојува милијарди за да купува гас нафта од Русија, а сака да биде заштитена од таа иста Русија: „А ние сме будали кои сето тоа го плаќаат“.

Критика дека Германија му должи на НАТО „големи пари“ Трамп изнесе веднаш откако беше избран за претседател. Пред Самитот во Брисел тој испрати писмо меѓу кои и на Ангела Меркел. На германската Влада и забележува дека ја поткопува безбедноста на НАТО и дава лош пример за другите држави членки.

Владата во Берлин одговара: Сите земји членки на Алијансата ги зголемија своите воени буџети, па и ние тоа го направивме, изјави Меркел пред Самитот на НАТО.

Покрај 500 германски војници стационирани во Литванија Меркел потсети на подготвеноста на Бундесверот дека во 2019 година повторно ќе ги предводи силите за брза интервенција на НАТО. Тоа се единици во случај на опасност во рок од два до седум дена можат да бидат пренесени на кризно подрачје.

Истите аргументи ги изнесува и германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен: Два проценти за одбрана не е само она што на крајот ќе стигне во НАТО. Се сметаат и придонеси на секоја земја поединечно и во таа смисла Германија не може да се срами.

Владата во Берлин стои зад целта од два отсто но до 2024 година нема да ја оствари.Наместо тоа остави нова национална цел - за 2024 година планираните расходи за одбрана ќе бидат 1,5 отсто БДП.

Таа најава на внатрешно-политички план предизвика големи дискусии.

Според плановите на министерот за финансии таа сума е остварлива само ако се зголеми буџетот за одбрана. Дел од опозицијата остро се спротиставува со став дека тоа е „налудничава намера“ и претерано вооружување на германската војска.

Се работи за опрема, а не за вооружување, одговара Меркел. Но, поради тоа ја критикуваат и од нејзината партија кои сакаат воениот буџет да се зголеми дури и побрзо отколку што е планирано.

Поради големиот тест во врска со финансирањето, Самитот во Брисел за НАТО ќе биде голем тест.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/07/2018 16:24