Албанскиот премиер Еди Рама заработи кривична пријава поради „прикривање на вистина“ во случајот со прислушуваните разговори на Агрон Џафај, брат на актуелениот министер за внатрешни работи Фатмир Џафај, кој во Италија е осомничен за трговија со дрога.
Кривичната пријава до Обвинителството за тешки кривични дела ја доставија координаторите на пратенички групи на опозициски партии, Едмонд Спахо за Демократската партија, и Петрит Васили за Движењето за социјалистичка интеграција.
По поднесувањето на пријавата, Спахо изјави дека опозицијата бара кривична истрага за Рама поради попречување на расветлувањето на вистината.
- Се обративме до Обвинителството да спроведе истрага против премиерот Еди Рама за попречување на вистината, односно не доставувањето документ од наводната експретиза на прислушувани разговори која наводно ја напрвил во некоја од светските лаборатории, изјави Спахо.
Васили, кој е и потпретседател на Движењето за социјалистичка интеграција, обвини дека во земјата постојат две обвинителства, она каде ја доставиле пријавата и обвинителството на Еди Рама.
- Ова е наша заедничка иницијатива со цел јасно да се стави разлика меѓу обвинителството пред кое Албанците се еднакви и паралелното обвинителство на премиерот, кое ја „спроведе истрагата“, ја направи ескпертизата, соопшти резултати и врз основа на тоа ја заштити владата. Откако јасно кажа дека е извршена експертиза, го добил резултатот, изманипулира и врз основа на тоа му даде право на министерот за внатрешни работи да остане на функцијата, посочи Васили.
И двајцата обвинија дека Рама лаже дека е направена експретиза на прислушуваните разговори, зашто за толку кус временски рок тоа не е можно да се направи, а резултатите ги соопштил само усно и не покажал никаков документ.
Претходно Рама изјави дека се добиени резултати од научна експертиза извршена во „најсериозна лабораторија во светот“,дека нема никаков компромитирачки доказ за министерот за внатрешни работи,туку дека станува збор за лага со неавтентичен материјал.