Пораешната главна преговарачка на Косово во дијалогот со Србија, Едита Тахири, ги повика партиите на косовските Алабанци на консензус за финалната фаза од преговорите со Белград, јави дописникот на МИА од Приштина.
Тахири за весникот „Епоха е Ре“ изјави дека првиот консензус што треба да го постигнат партиите е оној за црвените линии што Косово треба да ги има во овој процес.
Според неа, црвените линии треба да бидат меѓусебното прзнавање, пакетот на Ахтисари и зачленувањето на Косово во Организацијата на обединетите нации.
Поранешната косовска министерка за евроинтеграции нагласи дека Собранието во Приштина треба да усвои платформа за преговорите и да го овласти претседателот на државата и преговарачкиот тим, кој ќе го претставува Косово во овој преговарачки процес.
Според Тахири, претседателот треба да предводи една консензуална делегација, која ќе биде овластена од Собранието да преговара со Србија.