Косовскиот претседател Хашим Тачи формираше преговарачки тим за дијалогот со Србија, во кој нема претсставници на опозицијата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Од претседателскиот кабинет, за весникот „Коха Диторе“ потврдиле дека тимот е веќе конституиран, затоа што наредната средба со српската страна во Брисел треба да се одржи пред да започнат летните одмори за институциите на Европската унија, односно во текот на овој месец.

- Република Косово го има својот преговарачки тим, кој е сосема функционален и е предводен од претеседателот, изјави за весникот главниот советник на Тачи, Беким Чолаку.

Преговарачката екипа, како што вели Чолаку, се состои од челниците на косовските институции, односно од претседателот на државата, претседателот на Собранието, премиерот и лидерите на парламентарните партии, што ја сочинуваат владејачката коалиција.

Опозицијата го негира легитимитетот на Тачи да го води дијалогот со Белград и инсистира, пред продолжување на преговорите, да се донесе консензуална платформа и да се формира преговарачки тим кој ќе биде легитимиран од Собранието.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/07/2018 10:42