Германија, Италија и Австрија планираат тесно да соработуваат за да се воведе ред во сегашната ситуација со миграцијата во Европската унија, соопштија министрите за внатрешни работи на трите земји.

Италијанскиот, германскиот и австрискиот министер за внатрешни работи, Матео Салвини, Хорст Зехофер и Херберт Кикл денеска се сретнаа на маргините на состанокот на Советот на ЕУ за внатрешни работи во Инсбрук.

Според Салвини, приоритети треба да бидат заштитата на надворешните граници на Европската унија, укажување поддршка со цел мигрантите да не патуваат во Европа, враќање на мигрантите чии барања се одбиени, и поддршка за спасувачките операции на Либија во Медитеранот.

- Се обединивме околу мислењето дека сакаме да воведеме ред околу ова прашање, затоа што безредието преовладува премногу долго, изјави Зехофер.

Кикл рече дека трите земји сакаат „да испратат јасна порака на светот и особено на шверцерите со луѓе, дека во иднина веќе нема да биде возможно и не треба да возможно да стапнеш на европско тло ако немаш право на заштита“.

Зехофер истакна дека тој и неговите колеги - од кои сите тројца имаат цвртси ставови за миграцијата - сакаат европски решенија, но додаде дека „тројцата знаат дека тоа ќе биде исклучително тешка задача“.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/07/2018 12:31