Претседателот на косовското Собрание, Кадри Весели е убеден дека до крајот на оваа година граѓаните на Косово ќе можат да патуваат во Европа без визи, јави дописникот на МИА од Приштина.

Весели најави дека позитивната препорака од страна на Европската комисија за визна либерализација се очекува да стаса во текот на идната недела.

- Очекувањата на нашите граѓани се многу скоро да добиеме позитивна препорака од Европската унија. Во текот на идната недела очекуваме позитивна препорака. Истовремено, ние сме во контакт и со нашите пријатели, со пријателите на Косово, кои се залагаат за визна либерализација, изјави Весели за телевизијата КТВ.

Тој е убеден дека, како што рече, проблемите со емиграцијата кои ги имаа соседните држави по либерализацијата нема да му се случат и на Косово.

- Работиме интензивно за до крајот на годинава да имаме слободно движење на нашите граѓани во ЕУ. Косово ги исполни сите критериуми и очекуваме овој прогрес да биде признаен од земјите на ЕУ, истакна Весели.

Првиот човек на косовскиот Парламент, минатите петнаесетина дена, заедно со парламентарна и владина делегација, оствари низа посети на европските центри, со намера да лобира за позитивна одлука од институциите на ЕУ за либерализацијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/07/2018 10:51