Пратеници од опозицијата во косовското Собрание покренаа иницијатива за вонредна парламентарна седница, откако од кабинетот на претседателот Хашим Тачи вчера информираа дека тој формирал тим за преговорите со Србија, со претставници од партиите на власт, јави дописникот на МИА од Приштина.
Пратеничката група на Социјладемократката партија (ПСД), која вчера започна со собирање потписи од пратениците, бара вонредната седница да се одржи в понеделник, на 16 јули, два дена пред новиот круг преговори меѓу Приштина и Белград, што треба да се одржи во Брисел, пишува „Коха Диторе“.
- Имајќи го предвид политичкото влијание кое овој дијалог, и евентуалниот договор кој би произлегол од него, ќе го има во процесот на државотворноста, развојот и демократијата на Република Косово, преку оваа вонредна седница бараме дебатата и одлучувањето да се вратат во Собранието, како највисок законодавен орган, изјави пратеникот на ПСД, Висар Имери.
Главниот советник на Тачи, Беким Чолаку, вчера информира дека претседателот веќе составил тим за преговорите со Србија, во кој членуваат уште премиерот Рамуш Харадинај, претседателот на Собраниет Кадри Весели и челните луѓе на партиите од владејачката коалиција.
Опозицијата му го негира легитимитетот на Тачи да биде главен преговарач со Белграда и бара консензус за платформа и преговарачки тим, кои ќе бидат легитимирани од Собранието.