Покрај многуте теми за разговор на Самитот во Хелсинки, Доналд Трамп и Владимир Путин ќе разговараат и за една со која беа преокупирани нивните претходници - како да се избегне нуклеарна војна.
Според „Фајненшл Тајмс“, експертите предупредуваат дека отсуството на дијалог и взаемна доверба во изминатите четири години ги стави двете нуклеарни супер сили во ризик да не може да се спречи ескалација во случај на некоја криза, се додека новата генерација оружја и можноста за кибер-војни можат да ги уништат постоечките догоори за контрола на оружјето.
- Некогаш постоеја правила и договори како и верување дека тие ни се потребни, оцени Олга Оликер директор на програмата за Русија и Евроазија во Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон.
- А постои многу недоверба и увереност дека другата страна активно настојува да ја дестабилизира ситуацијата, додаде таа.
Двете страни се обвинуваат за кршење на Договорит за уништување на ракети со среден и мал дострел потпишан во 1987 година меѓу САД и тогашниот Советски Сојуз со кој се забрануваат ракети со дострел меѓу 500 и 5.500 километри.
САД и Русија допрва треба да почнат разговори за тоа што ќе направат кога во 2021 ќе истече новиот договор за намалување на стратешки оружја (Новиот СТАРТ) потпишан во 2010 година, а според кој двете земји својот нуклеарен арсенал го намалија на 1.550 активни боеви глави.
Од клучно значење е да се најде решение за тоа. САД и Русија заедно поседуваат 13.300 боеви глави што е 92 отсто од вкупниот светски нуклеарен арсенал.
- Многу вознемирува начинот на кои Русите и Американците сосема различно зборуваат за прашања поврзани со одбраната и неширање на нуклеарното оружје, изјави еден западен дипломат во Москва.
Џон Хантсмен, американски амбасадор во Русија вели дека контролата на оружјето треба да има истакнато значење меѓу прашањата кои се на двенен ред во Хелсинки.
Тој рече дека веројатно ќе се разговара за можноста за продолжување на важноста на Новиот СТАРТ за уште пет години што го овозможува постоечкиот договор.
„Фајненшл Тајмс“ потсетува дека и претходно имало слична ситуација. Контролата на оружјето беше еден од клучните аспекти на политиката за „ресетирање“ на односите со Русија што ја спроведуваше Барак Обама. Тој, со силниот личен однос со тогашниот претседател Дмитриј Медведев го договори Новиот СТАРТ. Сепак времето на таа блискост одамна помина. Руските воени акции во Грузија и Украина како и наводното мешање во американските избори драстично го намали потенцијалот за билатерална соработка.Во Москва работите исто така драстично се сменија откако Путин повторно стана претседател во 2012 година.
Путин речиси половина од своите говори за состојбата на нацијата ги посвети на новото оружје кое може да носи боеви глави и кое, како што тврди, може да го пробие американскиот систем за одбрана, заклучува „Фајненшл Тајмс“.