Додека вниманието на македонската јавност беше целосно свртено кон поканата за влез во Алијансата, Самитот на НАТО всушност се занимаваше со разликите помеѓу САД и европските сојузници, кои долги години беа туркани под тепих: придонесите на членките кон буџетот на Алијансата и односите со Русија.
За разлика од европските самити, средбите на шефовите на држави и влади во рамките на НАТО ретко привлекуваат голем број новинари, ниту пак ја возбудуваат јавноста. Но, Доналд Трамп, со неговата непосредност и непредвидливост, не само што од оваа средба направи еден од најследените настани во светот, туку првпат на неговите трансатлантски сојузници им стави на знаење дека нема да користи дипломатски речник кога станува збор за американските барања.
По завршувањето на Самитот вчера, Трамп со победнички речник најави дека добил се што побарал, дека Сојузниците се сложиле да ја зголемат стапката за одбрана на два отсто од БДП побргу од зацртаната 2024 година, па дури и дека се согласиле да постигнат четири проценти.
Кусо потоа беше демантиран од францускиот претседател, Емануел Макрон, кој, повикувајќи се на завршната декларација од Самитот, истакна дека заложбите остануваат истите оние зацртани во 2014, а тоа се два отсто од БДП до 2024. Ниту повеќе, ниту побргу.
Иако е јасно дека Трамп имаше потреба да приложи успех за домашната јавност, ваквиот однос ги загрижува останатите сојузници, особено по судирот на Самитот на Г-7 во Канада, и во контекст на растечки трговски тензии и се поодалечени визии од двете страни на Атлантикот за тоа како да се управува со руската закана. На ова треба да се додаде престојната средба на претседателот Трамп со Владимит Путин на 16 јули, на кои е сосема неизвесно што може да се случи, дали Трамп навистина, како што напиша на Твитер, би можел да ги помести американските линии во однос на признавањето на Крим и режимот на Башар ал Асад во Сирија.
Според дипломатски извори во НАТО барањето на Трамп да се зголемат стапките на два отсто веднаш, а потоа на четири проценти, било прифатено само од една земја, балтичка. Додека пак на нападите на американскиот претседател врз Германија за Северен поток, канцеларката му одговорила очи во очи на билатерална средба, на која таа му објаснила дека всушност само 37 отсто од гасот во Германија потекнува од Русија, а не 70 отсто, како што тврдеше Трамп на појадокот со генералниот секретар на НАТО.
Трамп ги нападна сојузниците од самото пристигнување на белгиско тло, кога на појадокот со Столтенберг, додека сѐ уште беа присутни камерите, упати низ недипломатски пораки и напади, особено кон Германија. Потоа, на првата работна сесија, тој ги повторил истите забелешки во кус говор околу масата.
Бурата се засилила на работната вечера, кога сојузниците побарале од американскиот претседател да зборува за неговите односи со Северна Кореа и со Русија и Путин, раскажуваат западните дипломати. Трамп целосно ја изигнорирал темата за Русија, и многу малку детали дал за суштината на односите со Севена Кореа, но зборувал за Елтон Џон и за голф, по што Французот Макрон, Луксембуржанецот Бетел и Белгиецот Мишел напуштиле и заминале „на пиво и помфрит“ на главниот бриселски плоштад.
Кулминацијата се случила вториот ден, 12 јули, на состанокот за Украина, на кој впрочем и многу малку се зборувало за Украина. Трамп, кој задоцнил на средбата, изгледал гневен и повторил дека САД носи преголем товар во НАТО и дека другите сојузници мораат да ги зголемат трошоците. Лично ги именувал Ангела Меркел, Педро Саншез и Шарл Мишел, пренесуваат дипломатски извори.
Трамп зборувал околу 15 минути и побарал „до крајот на оваа година“ да постигне стапката од два отсто, а подоцна четири. Според сведоци на состанокот, дури ни американската делегација не била информирана за содржината на барањата на американскиот претседател, уште помалку за гневниот тон со кој тој ќе настапи. Дипломати тврдат дека министерот за одбарана Џејмс Матис дури и ја напуштил средбата неколку минути.
Другите лидери му одговориле еден по еден, додека во салата се уште седел и украинскиот претседател, бидејќи средбата била посветена на Украина. На украинската средба и бил ставен крај, и се свикала итна средба, поради што завршните прес конференции на Самитот, како и церемонијата за Македонија, беа одложени за неколку часа.
Итниот состанок бил само помеѓу 29-те лидери, само на само, без дипломати и министри.
Состанокот бил „напнат и тежок“. Трамп не отстапил од барањата и се заканувал, но без тие закани да бидат конкретни. Наводно тој рекол дека ако не го добие тоа што го сака „ќе се однесуваме поинаку“, но без повеќе детали. Трамп ја критикувал бирократијата на НАТО и новата зграда на седиштето која чинеше повеќе милијарди евра.
Според извори присутни на состаноците, Трамп се почувствувал „навредено“ затоа што другите сојузници не ги сфатиле „сериозно“ неговите барања, како и поради начинот на кој тој е третиран во медиумите во Европа.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, имал разбирање за Американецот и се обидел да изгради компромис и да му стави на знаење на Трамп дека е слушнат и почитуван, раскажуваат дипломатски извори.
Столтенберг впрочем на завршната прес конференција го пренесе тонот на почитување кон американските барања, истакнувајќи дека „сите разбравме дека овој американски претседател е многу сериозен кога станува збор за трошоците за одбрана и тоа има реален импакт“.
- Поради силното лидерство на Трамп за трошоците за одбрана, имаме ново чувство на итност, рече Столтенверг на прес конференцијата.
Трамп од своја страна тоа го претстави како голема победа на неговата администрација, додека другите европски лидери настапија со многу помал ентузијазам на своите завршни прес конференции. Повеќе од нив посочија и дека Трамп ниту еднаш не се заканил дека САД ќе ја напушти Северноатлантската алијанса, како што известија некои медиуми.
Барањата на Трамп за поголем придонес на сојузниците во одбраната не се ништо ново, тие беа константа и на претходната администрација на Барак Обама, поради што и беа запишани новите цели од два отсто до 2024 на Самитот од 2014 година.
Трамп, за разлика од неговиот претходник, јасно стави на знаење дека нема да ги штеди сојузниците ниту пред јавноста, ниту на затворените состаноци.
Европските лидери треба допрва да преговараат со американскиот претседател за трговските ресктрикции воведени од неговата администрација, а до тогаш будно ќе го следат и претстојниот состанок со Владимир Путин в понеделник.