Уметниците Кристина Божурска и Николче Славески се добитници на стипендија за учество на летната школа Summer School as a School (SSAS) за 2018 година. Ги доделува Проектниот простор Прес ту егзит, како партнерска организација на организаторот Stacion - Центарот за современа уметност од Приштина.
Програмата во која ќе учествуваат македонските стипендисти ќе се одржи во јули-август и се состои од единаесет курсеви кои на учесниците и публиката ќе и овозможат искуство преку модел на алтернативна уметност и образование.
- „Летна школа како школа“ / Summer School as a School (SSAS) е конципирана со намера да се обединат и споделат критички знаења, да се поттикнат соочувања со критичните предизвици на сегашноста, како и да се применат нови знаења и можности во уметничкото образование и соработката со уметниците, соопшти Прес ту егзит.
Кристина Божурска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а магистрирала на Институтот за културолошки студии во областа на социјално-уметничката пракса. Користи мноштво техники и материјали, вклучувајќи готови предмети, сликарство, цртање, текст или видео. Суштина на нејзината практика е социополитичкиот контекст на денешнината, каде преку изборот на материјали и визуелни референци директно ги коментира проблемите од секојдневието и современото живеење.
Николче Славевски дипломирал на Факултетот за ликовна уметност. Досега имал една самостојна изложба и учествувал на повеќе групни изложби во Македонија и странство. Волонтер е во Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ од Битола и предводел екипа на меѓународната детска ликовна колонија „On-site painting“ во Хонг Конг како ликовен педагог.
Во своите дела тој се занимава со трудот, трудовите процеси и општествената положба и улога на уметникот како и улогата на уметноста. Во фокус на неговите истражувања прашањата за она што е револуционерна уметност, како да се создава и како taa е во релација со угнетените општествени слоеви, работничката класа и маргинализираните заедници.
Проектниот простор Прес ту егзит дополнително доделува уште една стипендија за „Летна школа како школа“ на Амар Качар кој е студент на Правниот факултет „Јустинијан Први“, отсек Односи со јавноста, и кој дополнително се образува на Академијата за визуелни уметности во соработка со „Сеавус'' едукативниот центар. Амар се интересира за фотографискиот медиум преку кој истражува идентитетски политики. Има посетувано фотографски курсеви организирани од Младинскиот образовен форум, а исто така бил дел од програмата „Со окото на маргините“ подржана од ЛГБТИ организација во Македонија.
Финаниската поддршка за учество на македонските стипендисти на „Летна школа како школа“ е овозможена со помош на Министерството за култура.