Министерот за економија Крешник Бектеши денеска ја промовираше апликацијата „Visit Macedonia“ (Визит Маседониа), што ќе служи за промовирање на туризмот во земјата.
- За туризмот велиме дека е единствениот сектор кој во последниве години бележи континуиран раст од 100 проценти, така 2017 година ја завршивме со зголемување на бројот на туристи во земјата за 16, 6 отсто, при што зголемувањето на бројот на странски туристи достигна до 23,5 отсто, во однос на 2016 година, а бројот на ноќевања на странски туристи во Македонија се зголеми за 22,8 отсто, нагласи Бектеши.
Тој посочи дека во првиот квартал на 2018 година, во споредба со истиот период минатата година, бројот на туристи во Република Македонија е зголемен за 18,7 отсто.
- Само во мај годинава, Македонија ја посетиле над 104.000 туристи, кои во просек оствариле по две ноќевања, истакна министерот за економија.
Тој изјави дека тенденцијата на Министерството за економија е тој број да се зголемува.
- Нашата цел е до 2020 година бројот на туристи во Република Македонија да биде еден милион, со остварени три милиони ноќевања, а учеството на туризмот во БДП да биде пет отсто, објасни Бектеши.
Тој информираше дека апликацијата „Визит Маседониа“ е изработена во три верзии, веб, мобилна и секако администраторската конзола, како и на три јазици, македонски, албански и англиски.
- Целта на мобилната апликација, која е во завршна фаза, е да понуди брз пристап до сите потребни информации за да го направи поудобен и поинтересн престојот на секој турист во нашата држава, наведе министерот за економија.
Бектеши упати апел до сите граѓани на Република Македонија колку што е можно повеќе да ја споделуваат апликацијата на социјалните мрежи, со цел поголемо нејзино промовирање.