Пред десеттина дена со повеќе од 500 лозари три часа разговаравме за сите проблеми. Впечатокот од нивна страна беше дека ниту една Влада досега пред време не ја отворила темата во делот на откупот, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, одговарајќи на новинарско прашање дали и кога планира да се сретне повторно со лозарите откако тие излегоа со калкулации за производствената цена на грозјето.
- За кои било земјоделски култури оваа година субвенциите ги исплативме навреме и многу порано ги започнавме разговорите околу дефинирање на процесот на откуп, така што во следните неколку дена ќе имаме средба со откупувачите и ќе имаме една заедничка на која ќе ги дефинираме следните чекори за да навремено го носиме одлуките и да биде подготвен откупот за оваа реколта, рече Николовски.
Пред стартот на бербата тиквешките лозари ја пресметаа производствената цена за најзастапените сорти грозје „вранец“ и „смедеревка“, посочувајќи дека цените би требало да бидат од 15 денари за „вранец“ и 13 за „смедеревка“, а побараа и сериозен откуп и рок на плаќање. Покрај ова лозарите бараат и секоја винарија да остави банкарска гаранција и исплатата да биде што е можно побрзо бидејќи долг бил периодот од шест месеци.
Земјоделците пред неколку дена почнаа со берба на најраните сорти на трпезно грозје „ранка“ и „прима“, а се очекува да почне и бербата на познатиот„кардинал“ и „кармен“.