Американскиот претседател Доналд Трамп денеска ја повика британската премиерка Тереза Меј да внимава при постигнувањето на договорот за Брегзит и да гарантира дека САД и Велика Британија ќе можат слободно да тргуваат во иднина.
- Погледнете како Европската унија систематски ги експлоатира САД кога се работи за нашите трговски односи. Тоа е срамота. Ја поддржуваме одлуката на британскиот народ да обезбедат целосно самоуправување и да видиме каде тоа ќе ги однесе. Се работи за многу комплицирани преговори, изјави Трамп
Претходно, во разговор со весникот „Сан“, Трамп ја критикуваше Меј дека премногу и попуштила на Унијата во преговорите за трговските односи по Брегзит, поради што е можно во иднина Лондон да не биде во состојба да води сопствена трговска политика.
Едно од водечките прашања тука е дали Велика Британија во иднина ќе мора да ги прифаќа регулаторните одредби на ЕУ, што може да значи дека Британците нема да можат самостојно да склучат трговски договор со САД и да увезуваат американски производи без европска согласност.
Американскиот претседател е поддржувач на британското напуштање на ЕУ и го посочи неговиот истомисленик и доскорешен шеф на британската дипломатија Борис Џонсон, кој неделава ја напушти Владата на Меј поради несогласување со нејзиниот предлог за Брегзит, како добар иден премиер.
На денешната заедничка прес-конференција со Меј, Трамп ја повтори својата критика за Германија, фокусирајќи се на гасоводот „Северен Поток 2“, преку кој Германија ќе добива поголеми количества руски гас пренесен директно преку Балтичко Море.
- Ова е трагедија, ова е ужасна зделка. Како може да се залагаш за мир и да сакаш да дејствуваш од позиција на сила, кога некои има толку големо влијание врз твојата држава, изјави Трамп, обвинувајќи ја Германија дека е зависник од увезениот руски гас што ги блокира нејзините геополитички активности.
Трамп го отвори ова прашање и при самитот на НАТО во Брисел, пред неговата планирана средба со рускиот претседател Владимир Путин во Хелсинки в понеделник.
Меј изјави дека е согласна дека Западот треба да води дијалог со Русија, но тој да се одвива од позиција на сила и со заедништво на западната страна.
- Ние сме многу поостри кон Русија од било кој. Ако успееме да развиеме однос со Путин тоа би било фантастично, одговори Трамп.
Претседателот Трамп денеска одби да прими прашање од новинарот Џим Акоста на телевизијата Си-Ен-Ен, кој честопати го следи на неговите јавни настапи и довикува прашања додека претседателот зборува. Трамп му порача на Акоста дека Си-Ен-Ен емитува лажни вести и побара прашање да му постави новинар од телевизијата Фокс, која е далеку попријателски расположена кон претседателот.