Оваа недела се сеќаваме на руската активистка за човекови права и новинарка во „Новаја газета“ Наталија Естемирова, и новинарот на „Форбс“ Пол Хлебников, американски државјанин, се вели во синоќешното соопштение на американскиот Стејт департмент.
Естемирова беше новинар и работеше во канцеларијата на Центарот за човекови права Меморијал во Грозни, Чеченија, каде на 15 јули 2009 година беше киднапирана и убиена. Хлебников беше застрелан на 9 јули 2004 година во Москва, пред влезот на зградата каде што се наоѓаше редакцијата на руското издание на „Форбс“. Беше убиен најверојатно како одмазда за неговите новинарски истражувања за случаите со мито и корупција во руската власт.
- Оддаваме почит до Естемирова и Хлебников и повикуваме да запре неказнивоста на нарушителите на човекови права во Чеченија и насекаде низ Русија, стои во соопштенито на Стејт департментот.
Се истакнува дека САД даваат континуирана поддршка за храбрите новинари и борци за човекови права во Русија и насекаде низ светот,
Според Комитетот за заштита на новинари, меѓународна невладина организација која ги штити правата на новинарите, од 1992 година досега во Русија се убиени 58 новинари, најголем број од овие убиства сеуште се нерасветлени.
Соопштението за убиствата на новинари во Русија е објавено на само неколку денови пред планираната средба меѓу претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин.
Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, демократски ориентираната јавност во САД и во Европа бара од Трамп на средбата со Путин да ги покрене прашањата за нерасветлените убиства на новинари и за репресиите врз политичките противнци на власта во Русија.
Според Меморијал во земјата моментално се затворени 158 лица поради политички или религиски убедувања.