Франција денеска го одбележa Денот на Бастилја со воена парада на Елисејските полиња во Париз, на чело со претседателот Емануел Макрон. На парадата, како почесни гости, учествуваа војници на Јапонија и Сингапур.
За време на парадата, која траеше повеќе од два часа, се случија и две непријатности, кога се судрија два полициски мотоцикли при демонстрирање на способностите на француските сили. Втората непријатност се случи кога авион на акробатската единица на патролата на воздухопловните сили испушти погрешна боја во состав на француското знаме над Париз.
Стоејќи во воено возило во придружба на мотори, Макрон ја предводеше својата втора парада по повод 14-ти јули, националниот празник на Франција, додека стотици гледачи го поздравуваа.
На парадата минатата година присуствуваше претседателот на САД, Доналд Трамп. Оваа година Макрон ги покани лидерите на Јапонија и Сингапур, две азиски земји, кои се долгогодишни партнери на Франција.
Јапонскиот премиер Шинзо Абе, го откажа доаѓањето поради катастрофалните поплави во неговата држава, а Јапонија беше претставена од министерот за надворешни работи Таро Коно.
На парадата учествуваа околу 4.200 војници, 220 возила и околу 100 авиони.