Сите видови овошје и зеленчук, кои влегуваат во Косово од други земји, од 18-ти овој месец, како привремена мерка, ќе плаќаат 30 отсто повисока царина од досегашната, јави дописникот на МИА од Приштина.
Одлуката на косовската Влада ја објави министерот за трговија и индустрија Бајрам Хасани, кој информира дека до оваа мерка е дојдено „по широка анализа и консултации со домашните производители, согласно Законот за заштитни мерки во увозот, при што се испитани сите видови овошје од цел свет“.
- Проценката понуди доволна основа за определбата дека продуктите кои се испитуваат, се увезуваат во Република Косово во толку големи количини и во услови кои се закануваат да им нанесат сериозна штета на производителите на овошје и зеленчук во земјата, или да предизвикаат нерегуларности, кои можат да ја влошат економската состојба на производителите на овошје и зеленчук во Република Косово, се вели во соопштението на Министерството за трговија и индустрија.
На листата на земјоделски производи, кои ќе подлежат на привремените царински мерки, се најдоа: компирот, доматот, пиперката, краставицата, лубеницата, дињата, раната (пролетна) зелка, доцната (есенска) зелка, салатата (во сите варијанти), спанакот, кромидот, морковот, монокултурниот грав, јаболкото, крушката, сливата, црешата, јаготката, малината, капината и пченката.