Српскиот претседател Александар Вучиќ во вторник во Париз ќе оствари средба со францускиот претседател Емануел Макрон, на која како што најави, ќе разговара за регионални прашања, за Косово, за билатерални прашања и за инвестициите.
- Многу очекувам од разговорите со претседателот Макрон,ова е важна средба за Србија. Во изминатиов период немавме ваква комуникација, последната посета е остварена пред 15 години, кога Жак Ширак дојде во Белград, изјави Вучиќ за медиумите.
Повеќе детали за престојната посета на Вучиќ на Париз даде францускиот амбасадор во Белград Федерик Мондолони, кој изјави дека Париз ќе има три важни пораки за Вучиќ, меѓу кои првата е развојот на билатералните односи.
- Втората порака е во врска со поддршката на Франција за Србија на нејзиниот пат кон Европската унија. ЕУ треба да се реформира, бидејќи тоа е во интерес на Србија за приклучување нкон еден клуб кој добро функционира, изјави Мондолини, додавајќи дека „реформирањето на ЕУ со приближувањето на Србија во ЕУ не е воопшто контрадикторно, само треба малку повеќе да се работи на реформирањето“.
Третата порака е поврзана со„ болната тема за Косово“ и обновувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина.
Како што е веќе најавено, на 18 јули, во среда, Вучиќ и Тачи ќе го продолжат дијалогот меѓу Белград и Приштина во Брисел, со посредство на Федерика Могерини.
Во врска со српско-албанските односи, Вучиќ денеска изјави дека „нема големи грижи“ по вчерашната Политичка декларација на албанците од Прешевската долина, но дека „е загрижен“ поради тоа што тие го кршат Бриселскиот договор, затоа што „единствената цел им е заземањето на северно Косово“.