До крајот на годината Јавното претпријатие Државни патишта ќе инвестира три милиони евра, односно 180 милиони денари за изградба и санација на три регионални патни правци во општина Гевгелија.
Градоначалникот на Гевгелија Сашо Поцков информира дека Јавното претпијатие „Македонија-пат“ веќе почна со изградба на патот Прдејци-Смоквица вреден 90 милиони денари со кој, како што рече, ќе се обезбеди полесна врска на двете населени места на новата автопатна делница, но и полесна сообраќајна комуникација на стопанските капацитети околу Прдејци.
- До крајот на овој месец и почетокот на август ќе почне санацијата на патот Миравци-Давидово, во вредност од 10 милиони денари, а по комплетирање на техничката документација, во втората половина на август ќе почне и санацијата на регионалниот пат Гевгелија-Негорци за кој од државниот буџет се издвоени 80 милиони денари. Трите регионални патни правци треба да бидат завршени до крајот на годината, но очекувам тоа да се случи и порано, рече Поцков.
Тој нагласи дека обновата на регионалната патна мрежа во општината во таков обем се случува првпат и затоа е значајна, не само поради обемот и вредноста, туку и поради фактот што средствата нема да бидат издвоени од општинскиот буџет.