Пониски откупни цени и проценка во пониски класи поради намален квалитет на тутунот, очекува Стопанската комора на Македонија од годинашната реколта.

Како што беше речено денеска на прес-конференција, површините под тутун се за десет отсто поголеми од лани, но врнежите кон крајот на јуни и почетокот на јули, како и невремето минатата недела, предизвикаа појава на болести и штетници што влијаеше врз квалитетот, а се одрази и врз количините.

- Поголемата цена и исплатата на субвенциите по класи го зголемија производството на тутун годинава, но неповолните временски услови ги намалија количините и квалитетот, истакна Васко Ристовски од Комората.

Заклучно со април 2018 склучени се 33.501 договор за откуп што е, исто така, зголемување за околу десет проценти во однос на 2017.

Ристовски не кажа колку би можела да биде годинашната откупна цена на тутунот иако потсети дека лани просечната достигна 217,60 денари за килограм или 20 отсто повеќе во однос на цената во 2016 година.

Повикувајќи се на последните статистички податоци, Ристовски информира дека е намален увозот на ферментиран тутун, додека увозот на цигарите е на приближно исто ниво.

Комората го поздравува изготвувањето на новиот закон за тутун и очекува негово што поскоро донесување. Со ова законско решение, напомена Ристовски, ќе се решат горливите проблеми во тутунската индустрија, а и Македонија ќе биде прва земја во ЈИЕ што ќе го регулира овој сегмент од стопанството.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/07/2018 11:52