Во интервју за водителот Шон Хенети од Фокс Њуз, американскиот претседател Доналд Трамп повторно ги повика членките на НАТО да почнат да ги покриваат трошоците за функционирањето на воената алијанса.

- Ние плаќаме 91 процент од трошоците за чување на Европа. НАТО е одлична институција, но и помага на Европа многу повеќе отколку што ни помага на нас, изјави Трамп, додавајќи дека обезбедил воени расходи од другите членки на НАТО во износ од 41 милијарда долари, со можност таа бројка да се искачи на 100 милијарди.

За средбата со Путин, Трамп изјави дека односите меѓу двете земји се значително подобрени по самитот во Хелсинки.

- Мислам дека денеска помина одлично, но беше навистина лошо пред пет часа, изјави Трамп, додавајќи дека му е навистина тешко да постигне било што во односите со Русија поради, како што рече, „ловот на вештерки“ против него и неговите соработници од страна на обвинителот Роберт Малер и делови на безбедносните структури на САД.

Трамп воедно му се заблагодари на Путин за фудбалската топка што му ја подари за време на нивната заедничка прес конференција.

Американскиот претседател во интервјуто им изрази поддршка и на демонстрантите во Иран, за кои рече дека се поттикнати од повторното воведување на санкции по раскинувањето на нуклеарниот договор.

- Во Иран има протести низ градовите и галопирачка инфлација. Режимот на Иран не сака неговиот народ да знае дека ние сме 100 процентно зад нив, додаде Трамп.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/07/2018 10:36